
Хрватски пејач осуден на 4 години и 11 месеци затвор за детска порнографија
Поранешниот пејач Јосип Каталениќ (42) е осуден на четири години и 11 месеци затвор за детска порнографија, пренесуваат хрватските медиуми.
Препорачано
Општинскиот суд во Вараждин донел неправосилна пресуда од прв степен против Каталениќ за кривично дело искористување деца за порнографија. Каталениќ има право на жалба на оваа пресуда. Судењето беше затворено за јавноста за да се заштитат интересите на децата.
„Обвинетиот е неправосилно осуден на единствена затворска казна во траење од четири години и 11 месеци за најголем дел од кривичните дела. Обвинетиот е ослободен од неколку кривични дела“, се вели во одговорот на Општинскиот суд до неделникот „Меѓимурје“.
Обвинението против Каталениќ било покренато во 2015 и 2016 година по истрагата. Каталениќ бил уапсен двапати, првиот пат на 29 април 2015 година, а вториот пат во мај истата година за нови кривични дела поврзани со детска порнографија кои биле откриени подоцна.
Во 2015 година, Каталениќ бил притворен еден месец, не само поради ризикот од повторување на кривичните дела, туку и поради можното влијание врз сведоците.
Каталениќ бил уапсен како дел од пошироката акција за разоткривање на педофилска мрежа, во која тој не бил единствениот осомничен. Каталениќ ја започнал својата кариера кон крајот на 90-тите, обидувајќи се да се пробие под уметничкото име Крис Колинс со песната „Fifty shades of love“ од 2013 година.