
Хрватска планира да ги ограничи „лудите“ цени во такси превозот
Во последните шест месеци, неколку екстремно скапи возења со такси предизвикаа големи негодувања во хрватската јавност. Неколку екстремни случаи го вклучија алармот во владата, која, како што пишува Индекс, наскоро ќе се впушти во огромни промени за пазарот на такси.
Препорачано
Најпознатиот случај се случи во Загреб, каде што туристка од Нов Зеланд плати неверојатни 1.506 евра за возење за нешто повеќе од еден километар. Возачот наводно споменал помал износ, но на крајот наплатил од картичката повеќе од десет пати поголема цена.
Во Сплит, три туристки снимиле таксист кој побарал 640 евра за рутата од фериботското пристаниште до хотелот на Чиово, оддалечен околу 30 километри, тврдејќи дека дел од цената е за „чистење на возилото“.
Во Загреб е снимено возење од Централната станица до Пречко, од околу седум километри, за кое се наплатени 110 евра.
Ваквите примери, од кои само дел стигнаа до медиумите, беа јасен сигнал до државата да ја преиспита регулацијата на пазарот и заштитата на патниците, особено туристите и постарите лица, кои се најчеста цел на таксистите кои брутално наплаќаат за своите возења.
Според Индекс, Министерството за море, транспорт и инфраструктура подготвува измени во Законот за патен сообраќај со цел да ги ограничи цените на такси услугите.
Либерализацијата на овој пазар беше воведена во 2018 година и првично донесе голем број позитивни промени – создаде нови работни места, зголемена достапност на услуги, создаде конкуренција и ги намали цените. Но, со текот на годините се појавија проблеми. Дел од возачите почнаа да ја користат слободата за одредување цени, а особено за време на туристичката сезона, беа забележани злоупотреби што доведоа до преплатени возења и негативен публицитет за хрватскиот туризам.
Министерството вели дека во текот на годините на спроведување на законот со кој се либерализираше пазарот на такси, забележале дека некои превозници користат нефер практики кон корисниците на такси услугите и дека веќе го засилија надзорот.
Од јануари минатата година, спроведени се 873 инспекции во соработка со полицијата, Даночната управа и Државниот инспекторат.
Донесени се и специфични мерки. Со промена на прописите, стана задолжително прикажувањето на просечната цена со големи букви на надворешната страна од возилото, таксистите мора да имаат видливо прикажан ценовник во возилото, а воведена е и возачка картичка со информации за лицето кое ја обезбедува услугата.
Директна државна интервенција во цените
И покрај ова, неправилностите продолжуваат, па сега државата оди чекор понатаму. Министерството планира да ги ограничи цените и размислува за воведување посебни регистарски таблички за такси возила, како и дополнителни мерки за апликации и платформи што ги поврзуваат возачите и патниците.
Овие потези претставуваат најобемна интервенција на пазарот откако беше либерализиран пред шест години. Дотогаш, локалните власти го одредуваа бројот на дозволи и цените, а со доаѓањето на нови играчи и платформи, пазарот се отвори и услугата стана подостапна. Сепак, се покажа дека целосната слобода може да донесе и проблеми – од претерано високи цени до недостаток на транспарентност.
Сега државата сака да постави строги ограничувања кога станува збор за цените на превозот, што, според очекувањата, треба да ја врати довербата во такси услугата, така што таа ќе биде сигурна и предвидлива за сите корисници.