Саем на книга 2025 / Фото: Фејсбук

„Храна за душа“: Над 65 издавачки куќи и 110 промоции на 37. издание на Саемот на книгата

Посетителите ќе имаат можност да изберат книги од богата понуда на домашни и странски автори, да присуствуваат на промоции на нови дела и да се запознаат со издавачите

Под мотото „Храна за душа“, од 8 до 14 мај во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи 37. издание на Саемот на книга. Најавени се над 65 издавачки куќи и повеќе од 110 промоции и средби со автори.

Како што соопштија организаторите на денешниот брифинг, саемот ќе ги отвори вратите на 8 мај во 10 часот, а официјалното отворање ќе се одржи во 12 часот со обраќање на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Во текот на седумте саемски денови, во кои ќе има и национално претставување на Република Србија, посетителите ќе имаат можност да изберат книги од богата понуда на домашни и странски автори, да присуствуваат на промоции на нови дела и да се запознаат со издавачите.

Љубителите на модерната литература, оваа година, ќе се сретнат со популарниот германски писател Себастијан Фицек, а за најмладите се организирани едукативни и креативни работилници, маскоти и забава на 10 и 11 мај.

Саемот ќе понуди повеќе од 110 промоции и средби со автори, а се очекува бројот на посетители да надмине 30.000, од кои околу 12.000 ученици.

Вратите на Саемот ќе бидат отворени секој ден од 10 до 20 часот, а последниот ден до 18 часот. Цените на влезниците се 100 денари за редовна влезница, 50 денари за ученици и 250 денари за три посети. Влезот е бесплатен за деца до 12 години во присуство на родител. Со секоја купена влезница, 15 денари ќе бидат донирани на СОС Детското Село.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот