Бразилски ореви / Фото: Pexels

Храна што го храни мозокот и дава енергија: Ова е совршениот појадок!

Храна што „го остри мозокот“, ги подобрува когнитивните способности и го отстранува чувството на умор и недостаток на енергија е најдобар начин да го започнеме денот. Една шака ореви за појадок може да ги зајакне нашите ментални и физички способности, вели невронаучничката Клер Вилијамс од Универзитетот во Рединг, пишува „Е-клиника“.

Студијата на Клер Вилијамс следела 32 млади и здрави лица на возраст од 18 до 30 години, при што една група консумирала јаткасти плодови за појадок. Оваа група го започнувала денот со 50 грама ореви, кои ги јаделе како додаток на житарици со јогурт.

Се заклучило дека групата што консумирала ореви за појадок имала подобри когнитивни способности. Овие испитаници покажале побрзо размислување и подобро помнење на тестовите во споредба со групата што не јадела ореви.

Подобро решавање на комплицирани задачи

Стручњаците наведуваат дека се потребни дополнителни истражувања за целосно да се разбере дејството на оревите врз мозокот. Се верува дека омега-3 алфа-линоленските масни киселини, протеините и полифенолите од оревите може значително да ги подобрат когнитивните способности и да го обезбедат подобрувањето на меморијата. Се смета дека оревот е храна што „го острее мозокот“ и дека може да овозможи поефикасна работа на мозокот, особено при решавање тешки и сложени задачи. Истовремено е утврдено дека лицата што консумирале ореви имале постабилно и подобро ниво на гликоза, која му дава енергија на мозокот.

Оревите како суперхрана

Научниците сметаат дека оревите не се само храна за мозокот, туку и вистинска „суперхрана“ за целото тело. Богатите извори на омега-3 масни киселини можат да ја намалат количината на „лош“ холестерол и да влијаат врз факторите на ризик од кардиоваскуларни болести. Се верува дека оревите имаат повеќе антиоксиданси од другите јаткасти плодови, дека можат да го намалат нивото на шеќер во крвта и ризикот од дијабетес тип 2.

Полифенолите со кои се богати оревите можат да помогнат во борбата против оксидативниот стрес. Тие исто така дејствуваат врз воспалителните процеси кои се тригер за многу хронични болести. Некои студии наведуваат дека оревите позитивно влијаат и на дигестивниот систем, благодарение на нивниот пребиотички потенцијал што овозможува развој на корисни бактерии. Пребиотиците се храна за пробиотиците, односно за добрите бактерии во цревата. Иако се калорични, оревите нè заситуваат, па се сметаат за храна што може да помогне во контролата на телесната тежина. Тие влијаат и врз квалитетот на кожата, менталното здравје, па дури и врз виталноста на спермата.

Ризница на витамини и минерали

Оревите се вистинска ризница на витамини, протеини и влакна, содржат витамини од Б-комплексот (Б1, Б2, Б3, Б5, Б6), како и витамини А и Е. Исто така се богати со вредни минерали како магнезиум, калциум, калиум, натриум, железо и фосфор. Во 100 грама ореви има околу 650 килокалории, од кои мастите сочинуваат 63 до 65 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот