Фото: Илустрација

Хорор патувања – ако тргнеш, не знаеш дали ќе се вратиш- се возиме со автобуси стари скоро 19 години

Според податоците на Царинската управа, од јануари до август годинава од вкупно увезените 189 автобуси и минибуси, само три биле нови! И додека увозот на стари автобуси и минибуси непрекинато трае, македонските граѓани продолжуваат да се преплашуваат од секоја нова сообраќајна несреќа во која учествуваат автобуси

Без разлика дали патуваат низ земјава или во странство, македонските граѓани се возат со автобуси што одамна ја прославиле полнолетноста, бидејќи нивната просечна старост лани била 18,8 години! Накусо, ако тргнеш, не знаеш дали ќе се вратиш, што е најблагата форма на кошмарот со кој особено се соочуваат патниците што плаќаат скапи туристички аранжмани со наводно луксузни автобуси.

Според податоците на Царинската управа, од јануари до август годинава од вкупно увезените 189 автобуси и минибуси, само три биле нови! И додека увозот на стари автобуси и минибуси непрекинато трае, македонските граѓани продолжуваат да се преплашуваат од секоја нова сообраќајна несреќа во која учествуваат автобуси. Според статистичките податоци, лани во земјава биле регистрирани 3.690 автобуси, а просечната старост на автобусите лани била 18,8 години. Цените на новите автобуси се движат меѓу 200 и 300 илјади евра. Инаку, од 2013 година, превозниците веќе не можат да увезуваат автобуси и минибуси со „евро стандард 2“ до крајот на годината, но и сега минимален е процентот на автобусите што исполнуваат „евро 5“ стандард.патувања

Со еден куп закони, правилници и лиценци, кои би требало да гарантираат квалитет, граѓаните имаат разни приказни за патувањата, кои им преседнале поради разни доцнења, неудобен превоз, нехигиена, некултурниот однос на возачите и конечно поради неисправните автобуси. Последен во низата е случајот на педесетината македонски туристи, меѓу кои имало и бебиња и пензионери, кои останаа заглавени на автопат во Грција повеќе од 14 часа, враќајќи се од Истанбул. Меѓу другото, автобусот со кој требало да се вратат, прво задоцнил пет часа бидејќи механичарите утврдиле дека возилото не е исправно и препорачале да се вози внимателно кон Македонија.

Пролетоска, „Слободен печат“ доби и сведочење од патник што патувал за Унгарија, чијшто автобус случајно бил избран за контрола од австриски полицајци за влез во Австрија од Унгарија. Притоа бил утврден некој сообраќаен прекршок и од нивна страна автобусот бил ставен на технички преглед, каде што било утврдено дека возилото е управувано во неисправна состојба, со пукната оска на задните тркала. Автобусот бил исклучен од сообраќај и била повикана екипа за отстранување на дефектот. Возачот по проверката го тргнал автобусот настрана и оската целосно се скршила, а задните тркала се искривиле, при што била невозможна поправка.

Туристичките агенции се правдаат дека изнајмуваат автобуси за нивните аранжмани и кога ги склучуваат договорите тие се исправни. Дел од нив реагираат и дека кога се патува со сопствен превоз, можело да се случи дефект?! Но граѓаните се револтирани и потсетуваат дека и по неколкуте сообраќајни несреќи во земјава во кои учествуваа автобуси, македонските превозници продолжуваат да увезуваат половни автобуси и минибуси од странство, што само по себе е гарант за несигурен превоз.

Во март, од Државниот инспекторат за транспорт се пофалија дека 11 превозници меѓу кои и „Дурмо турс“, добиле казни. Оттаму се изјаснија дека од 138 извршени контроли за три дена, биле констатирани 21 неправилност кај правни и физички лица при вршење превоз на патници и стока. Од она што беше констатирано тогаш, најголем дел од правните лица имале возачи што не поседувале сертификат за возач, некои од нив вршеле и превоз на опасни материи, други, пак, во согласност со Законот за превоз, неправилно го користеле тахографот, а дел од превозниците вршеле и превоз без патен налог или, пак, бил не уредно пополнет.

За утврдените неправилности биле информирани и МВР и Јавното обвинителство за нивно понатамошно постапување. Контролите ги најави и министерот за транспорт Александар Николовски, кој рече дека ова ќе повлече и законски измени, а според акцискиот план, инспекциските надзори при превозот на патници и стока ќе бидат секојдневни и ќе се проверува документацијата, лиценците, изводите од лиценци, дозволите, сертификатите, тахографите… Во меѓувреме и Царината изврши повеќе од 8.000 контроли на лиценците за јавен превоз.

Дали проверувате со кого патувате?

Дел од граѓаните сè уште не знаат дека од 2022 година во реално време може да ги проверуваат превозниците во патниот сообраќај, односно дали поседуваат лиценци и сите неправилности да ги пријавуваат до надлежните органи. Ова го овозможува јавниот сервис http://etransport.mtc.gov.mk на Министерството за транспорт. Проверката се однесува само за превозниците што вршат превоз на патници во меѓуопштинскиот и меѓународниот сообраќај. Пребарувањето и контролата може да се изврши преку впишување на името на компанијата или по бројот на регистарски таблички.

На промоцијата на оваа услуга, беше најавено и дека институциите ги потпишале и договорите за соработка, со што се овозможува меѓусебна размена на податоци како една значајна системска мерка за поефикасна контрола во патничкиот и товарниот транспорт. Тогаш беше посочено и дека користењето на овој сервис е голем чекор напред кон спречување нелегални активности на сите учесници во прекуграничниот сообраќај.

Речиси половина од европските автобуси имале нулта емисија на CО2

Дури 49 отсто од новите автобуси продадени во Европа во 2024 година имале нулта емисија (електрични или водородни мотори), што ги надминува целите поставени од Европската Унија во регулативите за емисии на CO2 за автобуси, тврди невладината организација „Транспорт и животна средина“, пренесе АФП.

„Успехот на автобусите со нулта емисија се должи на европските регулативи, кои јасно му покажаа на пазарот дека деновите на дизел-моторите се избројани“, изјави Мари Шарон, експерт за T&E Франција.

Во 2023 година, три земји купија исклучиво нови електрични автобуси: Холандија, Исланд и Финска. Следуваат Норвешка и Луксембург, каде што 99% и 98% од новите автобуси регистрирани во 2024 година биле електрични.

„Естонија се издвојува, каде што 84% од новите автобуси регистрирани во 2024 година биле електрични, во споредба со 0% во 2023 година“, нагласува T&E.

Веднаш зад Естонија е Романија, каде што 82% од новите автобуси регистрирани во 2024 година биле електрични модели, додека 10% биле хибриди. Од друга страна, Франција е на дното на листата, бидејќи само 33% од новите автобуси регистрирани во 2024 година биле електрични, што е под просекот на ЕУ од 46%.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот