Холандија го истражува Букинг поради издавање имоти во израелски населби

Booking.com

Холандските обвинители разгледуваат кривична пријава против платформата за изнајмување сместување Буклинг за рекламирање имот во израелските населби. Холандската непрофитна организација СОМО соопшти дека поднела жалба до државниот обвинител во ноември заедно со три други групи за човекови права, но дека тоа не било претходно објавено.

Во жалбата, групите ја обвинуваат платформата за „профитирање од воените злосторства преку олеснување на изнајмувањето на викендички на земјиште украдено од домородното палестинско население“. Обвинителите ја истражуваат жалбата, но не дадоа временска рамка за одлука, рече портпаролката Бречје ван де Мусдијк.

Букинг соопшти дека не се согласува со наводите и дека нема закони со кои се забранува рекламирање сместувачки капацитети во израелските населби, додека низа американски закони би забраниле повлекување на инвестициите во регионот. „Преземени се правни чекори против други компании кои се обидоа да ги повлечат своите активности, а ние би очекувале истото да се случи и во нашиот случај“, рече портпаролот на компанијата.

СОМО објави дека нејзиното истражување покажало дека платформата Booking.com понудила до 70 имоти во Источен Ерусалим и окупираниот Западен Брег помеѓу 2021 и 2023 година. Организацијата тврди дека парите добиени од изнајмувањето на овие имоти се „приходи од криминални активности“ и дека со регистрирањето на овие приходи во Холандија, компанијата ги прекршува законите за спречување на перење пари во земјата.

Населбите изградени на земјиште окупирано од Израел во војната на Блискиот Исток во 1967 година се сметаат за нелегални од повеќето земји, вклучително и Холандија. Нивното присуство е една од основните тешкотии на израелско-палестинскиот конфликт.

Палестинците сакаат да основаат независна држава на Западниот Брег и Појасот Газа со главен град источен Ерусалим. Израелските колонисти се осврнуваат на историската поврзаност на Евреите со областа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот