Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Химна за 82 дена, а што за 100?

Па зарем треба со државна химна да се одбележи колку депонии се исчистени, колку бројачи на семафори се поставени, колку шахти се нивелирани и ред други работи што се во описот и пописот на работата на градската администрација.

Да не ни е толку обременета живеачката со секојдневни стресови – корона, скапотија и долга низа на други секирации – во нашава држава би било и забавно да се живее. Зарем не?

Еве, видовме како презентацијата на сработеното во првите 82 дена од мандатот, градоначалничката Данела Арсовска го започна со интонирање на химната. Додуша, откако најпрво (по грешка или не) прозвучеа првите тактови од химната на ВМРО (која можеби ќе беше посоодветна за приликата), конечно се слушна државната химна и сите се исправија на нозе за, веднаш потоа,  да ги слушнат големите подвизи направени во првите речиси три месеци во нејзиниот мандат. За тоа, според градоначалничката (или нејзиниот протокол), вреди да се изведе химната.

Не знам кому му падна на ум вакво нешто и што сакаше да постигне со ова? Па зарем треба со државна химна да се одбележи колку депонии се исчистени, колку бројачи на семафори се поставени, колку шахти се нивелирани и ред други работи што се во описот и пописот на работата на градската администрација. Па уште за првите 82 дена. За 100 дена што?

Тешка „утка“ и страшно недостоинствена употреба на државната химна. А за тоа има казни кои прецизно си се објаснети во Законот за употреба на грбот, знамето и химната на државата, исто како и приликите во кои таа се интонира. Закон има, но треба и некој да го спроведе за повеќе да не се дозволи химната кој како сака да си ја изведува, па дури и на прес конференции.

Да се вратиме на сработеното во првите фамозни 82 дена. Значи, како што се пофали Арсовска, не само што го реализирала она што им го ветила на граѓаните за тој период, туку и повеќе од тоа. И сето тоа со многу труд и напорна работа, добра организација и уште подобро менаџирање за да се врати довербата во градската администрација, за доброто на граѓаните, за Скопје модерен град и такви, веќе чуени муабети.

Мапирале 120 депонии, исчистиле повеќе од 150. Не ја мапирале онаа во Шуто Оризари, која смрди и чади со години и на која никој не може крајот да и го фати. Ама сега, по допрен глас, има да ја снема! Можеби во следните 82 дена?

Поевтинува паркирањето на зонските паркиралишта во надлежност на „Градски паркинг“. Зошто? Затоа што тоа Арсовска им го ветила на скопјани. Која е логиката и придобивката од овој потег во услови кога треба да се стимулира користење јавен превоз и велосипеди, останува непознато. Затоа што градоначалничката не милува да ги објаснува своите решенија.

Во своите постигања Арсовска, меѓу другото, ги наброја и бројчаниците на семафорите на неколку крстосници, враќањето на зелениот бран на улиците во надлежност на Градот, изградба на пристапни рампи за граѓаните со попреченост до градските образовни и културни институции, воведување ветинг на директорите на јавните претпријатија, но и формирање работна група што ги нотира и ги решава проблемите во заборавените населби низ Скопје.

Она што Арсовска заборави да го спомене е дека Град Скопје во првите месеци од нејзиниот мандат се претвори во најзатворена институција за медиумите. Со „клешти“ не може човек одговор да им извади ниту на најпросто прашање од нивна надлежност. Прес конференциите на градоначалничката се исклучително ретки (ете, можеби затоа сега се слушна и химната). Се плаши ли некој од медиумите?

Па така нема одговори за локациите на тие исчистени над 150 депонии, нема одговори зошто не поевтини и паркирањето во катните гаражи, ниту дали е решен барем еден проблем на луѓето што живеат во тие т.н. заборавени делови на Скопје каде се рашетуваат работните тимови на Градот.

Од друга страна, Град Скопје лиферува по сто соопштенија дневно. Си имаат што да кажат луѓето. Си сработиле. Најново, почнаа да известуваат и за активностите на јавните претпријатија. Па, тие претпријатија имаат директори (новопоставени, соодветни) и одделенија за односи со јавност. Умеат веројатно и самостојно нешто да соопштат. Потребата за апсолутна контрола потсетува на некои други, многу грди времиња. Не олку „независни“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот