Собрание / Фото Слободен печат / Драган Митрески

Хелсиншки комитет: Неприфатливо и неодговорно е пратениците да не одржуваат седници во време на ваква трагедија

Ако ништо друго, закажувањето на седница за пратенички прашања исто така, можеби ќе го отвореше просторот за посуштествена дебата и на некој начин ќе ги артикулираше насоките по коишто треба да се движат работите понатаму. Воедно седницата ќе дадеше можност пратеници и Собранието јавно да искажат сочувство до семејствата на жртвите и жалење за страшната трагедија – велат од Хелсиншки

Се навршија речиси две недели од трагедијата во Кочани, а Собранието уште ги одложува своите седници, меѓу кои и седницата за пратенички прашања. Неприфатливо и неодговорно е пратениците да не одржуваат седници во време на ваква трагедија кога граѓаните очекуваат одговори, кога треба да се анализира системот и да се договараат следните чекори што би можеле да ги преземе Собранието во рамките на своите надлежности, реагираат од Хелсиншки комитет, откако пратениците одлучија дека нема да работат поради „чувствата на граѓаните“ по трагедијата во Кочани во која загинаа 59 млади.

За да не се „истепаат“ за трагедијата во Кочани, ќе ги премолчат пратеничките прашања, Собранието две недели на пауза

-Хелсиншкиот комитет за човекови права потсетува дека законодавната функција на Собранието е само една од основните уставни функции кои ги има тоа. Собранието има и претставничка и надзорна функција, а пратеничките прашања се една од основните форми на надзор над работењето на Владата и другите носители на јавни функции. Собранието има механизми преку кои може да дејствува како што е формирање на постојани и привремени работни тела за секое прашање од јавен интерес. Во конкретниот случај, според член 76 од Уставот, Собранието може да се формира анкетна комисија за сите области и за секое прашање од јавен интерес и нејзините наоди можат да претставуваат основа за утврдување на одговорност за носителите на јавни функции – се вели во соопштението.

Оттука, тие велат дека е несфатливо што Собранието имајќи ги овие механизми на располагање наместо да ги искористи, одлучи да не одржува седници.

-Логично е да се постави прашањето каква е потребата од постоењето на највисокиот претставнички орган на граѓаните, кога народните избраници коишто го сочинуваат, одлучија да останат неми пред граѓаните што ги избраа во моменти кога им се најпотребни. Ако ништо друго, закажувањето на седница за пратенички прашања исто така, можеби ќе го отвореше просторот за посуштествена дебата и на некој начин ќе ги артикулираше насоките по коишто треба да се движат работите понатаму. Воедно седницата ќе дадеше можност пратеници и Собранието јавно да искажат сочувство до семејствата на жртвите и жалење за страшната трагедија – велат од Хелсиншки.

Собранието и натаму на одмор, иако глуми дека работи

Во соопштението се додава дека граѓаните очекуваат дека по трагедијата што се случи во Кочани, целокупниот систем, вклучително и нивните избраници ќе придонесат кон борбата против корупцијата и за исправање на неправилностите и големата поделеност во општеството и притоа ќе бидат ефикасни и бескомпромисни.

-Очекуваме Собранието да се консолидира и да ги употреби сите механизми со кои располага и пратениците да се обединат во напорите за зголемување на функционалноста на системот и против општествените девијации. Граѓаните од своите избраници, како и од другите носители на јавни функции, бараат системот да функционира без привилегии за никого и законите да важат за сите подеднакво – порачаа од Хелсиншки комитет.

Имало многу несреќи, но никогаш и двонеделно „самораспуштање“, пратениците не се собраа ниту да изразат сочувство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот