
Хасанович: Апстиненцијата од работата на Собранието ја осиромашува демократија
Апстиненцијата од работата на Собранието ја осиромашува демократија и можноста за согледување на спротивставени ставови, вели политичкиот аналитичар Емир Хасанович, коментирајќи ја најавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за блокада на работата на Собранието почнувајќи од утре, 10 мај.
Препорачано
– Парламентот служи токму за судир на политички мислења, ставови и гледишта. Сите разлики треба да бидат артикулирани во таа институција и да му се предочат на народот на говорница. Апстинацијата од тоа право ја осиромашува нашата демократија и можноста за согледување на спротивставени ставови, иако блокадата како таква е инструмент на испраќање политичка порака. Не е првпат опозицијата да го напушта парламентот во нашата историја, така што не е дејство без преседан, но во секој случај граѓаните се тие кои ја плаќаат највисоката цена за тоа. Се наоѓаме во една тешка економска ситуација, имаме огромни безбедносни предизвици и нам ни треба жестока и здрава дебата за чекорите кои ќе се превземаат, изјави Хасанович за „Слободен печат“.
Државнички, нагласи тој, би било и власта и опозицијата да се сослушаат и во интерес на граѓаните да најдат начин клучните полуги и процеси на државата да не страдаат поради политички несогласувања.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во најавата за блокада на Собранието им се извини на граѓаните за тоа што следи на политички план во државата.
– Однапред им се извинувам на граѓаните за тоа што ќе следи, но мора да нè разберат дека ни е потребна поддршка и охрабрување за да си ја спасиме Македонија затоа што ако оваа влада остане уште еден ден повеќе Македонија ќе има помалку на сметка на нив. Почекајте, допрва следуваат повеќе чекори, а со ова само започнуваме, изјави Мицкоски.