Вакцинација/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Хаос во „Мајка Тереза“, пациенти чекаат со часови и си заминуваат без преглед — „Мој термин“ заглавува поради стара инфраструктура

Директорот на „Мој термин“, Фикрет Шабани, за „Слободен печат“ изјави дека системот работи, но забавено, а се чека одговор од ИТ-техничарите од ФИНКИ.

Утрово во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ владее вистински хаос – пациентите сведочат дека системот на издавање броеви е заглавен, термините не се исполнуваат, а дел од пациентите се враќаат назад без да добијат лекарска услуга. Луѓе, кои дошле на празен стомак за крвна слика — меѓу кои има и трудници — чекаат со часови во редици и се жалат дека персоналот не дава доволно информации.

Системот „Мој термин“ не функционира, тврдат пациенти за „Слободен печат“. Некои пациенти тврдат дека проблемот со системот трае веќе неколку дена.

— Чекав цел ден. Имав број 91, стигнаа до број 30, кога престанаа да работат. Сите се напикаа на шалтериве за да прашуваат, јас се откажав и си заминав — кажува изреволтиран пациент за „Слободен печат“.

Директорот на „Мој термин“, Фикрет Шабани, за „Слободен печат“ вели дека системот денеска работи, но е бавен. Тој истакна дека претходните денови функционирал без проблем, но на секој почеток на месец системот е преоптоварен поради зголемен внес на податоци.

— Чекаме одговор од ИТ техничарите од ФИНКИ за да дознаеме дали станува збор за инцидент или за хардверски проблем. Системот е стар 10 години, годишно се внесуваат од 20 до 40 милиони рецепти и околу 12 милиони упати. Инфраструктурата е застарена, но за еден до два месеца целиот систем ќе биде префрлен во новиот дата-центар, што ќе овозможи хардверски и софтверски подобрувања — изјави Шабани.

Сепак, додека институциите чекаат техничко решение, пациентите остануваат заробени во редици, нервозни и револтирани што не можат да добијат навремена услуга.

Слободен печат го исконтактира Министерството за здравство за коментар и дополнителни информации, но до објавувањето на текстот не добивме навремен одговор.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот