Profimedia

Хаос, хистерија и страв: Денот кога Американците поверувале дека доаѓа крајот на светот

„Дами и господа, ја прекинуваме нашата музичка програма поради вонредни вести од „Intercontinental Radio News“. Во седум и четириесет, по централно време, професорот Фарел од опсерваторијата Маунт Џенингс забележал неколку експлозии на запалив гас кои се појавуваат во правилни интервали на Марс. Спектроскопот покажал дека запаливиот гас е водород и дека се движи кон Земјата со голема брзина“.
Со овие зборови започнала радио драмата во режија и изведба на 23-годишниот Орсон Велс.

Радио шоуто „Војната на световите“ е адаптација на истоимениот роман на Х.Г. Велс од 1898 година, а емитувана е на „CBS Radio Network“ на 30 октомври 1938 година во 20 часот.

Емисијата, која се емитувала ден пред Ноќта на вештерките, ги навела слушателите да помислат дека во тек е инвазија од Марсовци. Медиумите потоа дополнително дигнале прашина со бомбастични наслови како: „Радио драма предизвикува паника; Марсовците напаѓаат!“, „Пoдметнување на Орсон Велс: Паника ги обзеде слушателите“, „Хистерија предизвикана од фиктивната инвазија на Марсовци на Велс“, „Стравот ја зафати Америка: Радио шоуто на Велс предизвикува хаос“.

По воведниот монолог, програмата на радио емисијата продолжила со вообичаената радио програма, со повремени вести и музика. Првата вест се однесувала на необични експлозии забележани на Марс и емисијата продолжила со наводно неповрзан извештај за непознат предмет што паднал на фарма во Гроверс Мил, Њу Џерси.

Потоа се јавил новинар и опишувал суштества кои излегуваат од вонземјански брод и убиваат локални службеници со знамиња за примирје во рака. Репортер од местото на настанот опишува дека вонземјаните уништуваат сè пред себе, по што преносот нагло се прекинува.

Следува брза серија вести кои го опишуваат почетокот на разорната инвазија на Марсовците и залудните напори на војската да ја запре.
Кашлајќи, репортерот опишува како луѓето панично бегаат од облаците на отровниот чад и џиновските воени машини, а потоа замолчува, а програмата престанува.

„Дами и господа, ова е најстрашното нешто што сум го видел во мојот живот… чекајте.. нешто излегува од машината. Некој или… нешто. Гледам два блескави диска кои излегуваат од црната дупка… Може ли да биде лице… Нешто излегува од сенките… Огромно е како мечка со светликава кожа… Дами и Господа, ова не може да се опише, едвај можам да се натерам да го погледнам…“

Граѓаните во страв се јавувале во полиција, кај новинарите и во радио станиците, се собрале за да се молат, а забележан е и случај како фармери во Гроверс Мил пукаат во резервоар за вода мислејќи дека е Марсовец. Медиумите дополнително ги зголемиле последиците од лажните вести известувајќи дека предизвикувале срцеви удари и масовна хистерија.

Еден човек штедел пари за нови црни чевли, но кога јс слушнал радио драмата сите ги потрошил на билет за воз. Гласините велат дека Велс лично му го платил трошокот. Си-би-ес била тужена од една жена која барала 50.000 долари за болката и шокот што ги доживеала, но нејзината тужба бил отфрлена.

Иако Си-Би-Ес во неколку наврати го прекинувал преносот нагласувајќи дека тоа е фикција, на крајот од емисијата, Велс им се обратил со зборовите:

„Довидување на сите и следните неколку дена сетете се на лекцијата што ја научивте вечерва. Тој насмеан, зажарен, топчест натрапник во вашата дневна соба е тиква. И ако некој ви заѕвони на вратата, отворете и сфатете дека нема никој. Тоа не беше Марсовец, туку Ноќта на вештерките“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот