
Гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска ќе изведе концерт во Созопол, Бугарија
Во Археолошкиот музеј во Созопол, Бугарија, на 6 јуни, со почеток во 20 часот, љубителите на класичната музика ќе имаат ретка можност да уживаат во концертот на гудачкиот квартет предводен од Пламенка Трајковска, како дел од програмата на Интернационалниот фестивал на франкофонијата „Soleil“.
Препорачано
Концертот е насловен „Музички мост меѓу Балканот и Франкофонијата“ и претставува музичко истражување инспирирано од богатата балканска музичка ризница и француската камерна традиција. На програмата ќе бидат изведени оригинални аранжмани за гудачки квартет, подготвени од Пламенка Трајковска, која настапува заедно со Милена Гиевска-Андоновска (виолина), Љубица Бошкоска (виола) и Александра Јаневска (виолончело).
Фестивалот „Soleil“, кој од 2011 година се одржува во Созопол, е еден од највлијателните културни настани во регионот, што обединува уметници од Франција, Бугарија, Северна Македонија, Португалија, Белгија, Либан, Мароко и други земји. Неговата програма вклучува концерти, изложби, филмски проекции, кулинарски презентации и интернационални работилници.
Пламенка Трајковска, истакната виолинистка со меѓународна кариера, и оваа година продолжува со активно присуство на балканската музичка сцена. По успешниот концерт во Софија во март, остварена е нова соработка со директорката на фестивалот „Soleil“, г-ѓа Александрина Исајлова, што резултираше со оваа покана за настап.
„Балканско патување“, нејзиниот најнов проект, е замислен како музичка покана до слушателот да ја доживее историјата, културата и емоцијата на балканските народи преку современа интерпретација на традиционалните звуци, пренесени преку звучниот јазик на гудачкиот квартет.
Концертот се реализира со поддршка на македонскиот Културно-информативен центар во Софија и Амбасадата на Македонија во Бугарија.