„Некст ту сајленс“ / Фотографија: Маја Аргакијева

Група „Некст ту сајленс“: Сплотена бравурозност на креативни солисти

Македонски претставници во одличната концертна програма на годинашниот Скопје џез-фестивал се членовите на групата „Некст ту сајленс“, кои претходно ќе го промовираат својот втор албум со наслов „Рух“. Промоцијата на албумот ќе се одржи на 12 октомври (сабота), во „Аудиокултура“, со почеток во 20 часот.

Групата „Некст ту сајленс“ ја има таа привилегија повторно да соработува и да настапи на Скопје џез-фестивал. Нивниот уникатен музички израз, префинетото чувство за автентичен звук и длабокото понирање во неистражените звучни простори предизвикува љубопитен интерес кај публиката.

Членови на групата се Кирил Кузманов (саксофон), Ади Имери (гитара), Филип Димишковски (клавијатура), Драган Стојковски (бас-гитара) и Гоце Наумов (тапани), кој одговараше на нашите прашања во име на групата.

Повторно се наоѓате пред предизвик со настап на Скопскиот џез-фестивал. Каква креативна мотивација за групата е настапот на овој најпрестижен фестивал кај нас?

– На многу концертни места низ Европа и Америка имаме сретнато џез-музичари на кои кога ќе им го спомнеме Скопскиот џез-фестивал очите им се ококоруваат од воодушевување. Штом за нив претставува престиж да се свири на овој фестивал, може да замислите какво значење тој за нас има. Покрај тоа што учевме и откривавме многу преку музичарите што настапуваа на фестивалот во изминативе декади, сега ние имаме убава одговорност да го претставиме она што сме го стекнале делумно благодарение на тие искуства.

Голема е честа да се настапува на оваа монолитна манифестација и да се возврати на привилегијата да се учи и ужива во музиката на најдобрите светски џез музичари. Со нетрпение го очекуваме почетокот на фестивалот, колку поради нашиот настап, толку и заради оние на извонредните музичари што се вклучени во овогодишната програма.

Како увертира на настапот, на 12 октомври ќе се случи промоција на новиот албум со наслов „Рух“ во издание на „СЏФ рекордс“. Кога, каде и како е снимен албумот?

– Нѐ радува тоа што „СЏФ рекордс“ има доверба во нашата музика и што ни го издава и вториот албум. Сметаме дека навистина создадовме добра музика што вреди да биде афирмирана од оваа реномирана издавачка куќа и која се надеваме ќе стигне до слушатели желни за поинакви музички перспективи.

Албумот го снимивме минатата година во студиото „Алшар“ на Ивица Јанкуловски, со кого соработуваме долги години на различни проекти. Тој одлично го познава бендот и со неговата маестрална вештина уште во самите подготовки го намести приближниот конечен звук. Не беше чудо што албумот го снимивме за само четири часа, иако предвидовме повеќе термини во студиото. Се случи магија на самото снимање, која се темели на добрата врска меѓу нашата музика и звукот што го имавме во студиото, а можеби и некои виши сили замешаа прсти… или што и да треба да се смешаат за да музиката од прво снимање биде изненадувачки добра. Потоа следеше минимално доработување на звукот и набргу стигнавме до она што наскоро ќе можете да го слушнете на „Рух“.

И првиот албум на групата пред четири години беше објавен од „СЏФ рекордс“. Тогаш бевте квартет, а сега сте квинтет. Колку новите членови го променија звукот на групата?

– Секој човек што влегува во бендот ѝ дава нова пропорција на музиката. Ади Имери е веќе стар наш соборец, кој и претходно свиреше со нас, а сега донесе мошне длабока хармонска маса и музичка широчина, темелно наталожени од неговото богато искуство. Кирил Кузманов е олицетворение на сите џез-божества во едно и вистински благослов е да се интерактира со неговиот севселенски талент. Веројатно затоа и не е воопшто изненадувачки што албумот го снимивме само за четири часа и што музиката отиде во друга димензија, притоа задржувајќи го специфичниот карактер на бендот.

Комуникацијата во „Next to Silence“ е заснована на целосна отвореност и огромна доверба, така што беше едноставно да се создадат нови композиции кои ги збогативме преку нивното интуитивно структурирање и импровизирање околу мелодиите и базичните ритми. Секако, свирењето на овие композиции е далеку од едноставно, особено ако имате предвид дека во нив е сплотена величествената бравурозност на солистите, а која е одлична инспирација за градење на музиката. Затоа и беше возбудливо да се гради оваа музичка крепост во која сега престојува нашиот нов албум… а уште повозбудливо е да се излезе од неа и да се гради нова на секој наш настап.

„Некст ту сајленс“ / Фотографија: Маја Аргакијева

Необичен е насловот на албумот, но и на петте нумери од кои е составен. Под какви влијанија се креирани насловите и на албумот и на темите, и каква е нивната поврзаност со музиката на албумот?

– Групата „Некст ту сајленс“ има тенденција да допира сфери што се одделуваат од вообичаените и веќе излитени тематски категории во музиката, како што се љубовта, социјалната неправда, среќата, разочараноста итн. Едноставно сакаме да допреме димензии и нешта кои се присутни и занемарени, а кои се мошне инспиративни за музичко илустрирање. Во нашата музика и теми што ги обработуваме, постои еднакво присуство на контемплативност, сарказам и духовност, а кои се трудиме да ги лишиме од интелектуална патетика.

Сите во бендот сме на некој начин истражувачи и затоа насловите се повод и слушателите да истражуваат доколку музиката им се допаѓа. Точно е, сите наслови имаат двозначност, односно конкретно и општо значење, па не случајно го носат името што го имаат. Нивното толкување е целосно индивидуално, па затоа не сакаме да сугерираме како слушателите треба нив да ги доживеат и разберат. Љубопитството е, можеби, единствениот фактор кој ја отелотворува врската меѓу насловот и музиката, но и тоа не е неопходно доколку музиката едноставно само ви се допаѓа.

Албумот е во чест на нашиот музички сопатник Александар Николовски, кој беше во „Next to Silence“ уште од самиот почеток и кој имаше уникатна звуковна емоција. Во име на неговото присуство и другите такви постоења, албумот е именуван „Рух“.

„Некст ту сајленс“ / Фотографија: Маја Аргакијева

Каков концепт подготвувате за концертот на 17 октомври на Скопскиот џез-фестивал?

– Многу му се радуваме на концертот и со нетрпение чекаме да дојде 17 октомври… делумно и за да ја чуеме волшебната грегоријанска преработка на „Wuthering Heights“ на Сесил Меклорин Салвант (која дополнително ќе не инспирира доколку имаме среќа да ја изведе). Многу ни е драго што настапуваме во иста вечер со неа и нејзиниот одличен бенд, зошто станува збор за сосема различни музики кои ќе ѝ овозможат поинакви искуства на публиката.

Ние таа вечер за првпат ќе го отсвириме албумот во целост, па оние што ќе имаат желба да го чујат во меѓувреме ќе може да видат зошто е убаво да му се даде ново музичко толкување на секој од оние навидум загадочни наслови. Ќе изведеме и нумери од претходниот албум, а можеби ќе имаме и некое изненадување доколку има повод за тоа.

Ретко настапуваме, така што ова ќе биде одлична прилика повторно целосно да се предадеме на нашата музика пред публика што добро нѐ познава, но и пред оние кои првпат ќе нѐ слушнат… па доколку не ги уплашиме, можеби ќе сакаат да го слушнат „Рух“ и по нашиот концерт. Секако, не веднаш по него, туку пред следното сонување.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 251, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-13.10.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!