Громогласна критика за молкот и барања за оставки од пратениците на СДСМ

Пратеници/ Собрание / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Дел од партиските функционери кои не се пратеници не ги штедеа критиките кон пратениците на СДСМ кои беа дел од поранешната влада, притоа повикувајќи ги да поднесат оставки и од пратеничките, а не само од партиските функции, што според аналитичарите е резултат на внатрепартиската борба за лидерската позиција што допрва претстои

Молкот на пратеничката група на СДСМ на вчерашната конститутивна седница на 11-от состав на македонското Собрание е дочекан од силна критика на дел од поранешните и сегашните функционери на СДСМ, како и од партиските членови, кои не можат да разберат зошто Димитар Ковачевски, Оливер Спасовски, Сања Лукаревска, Славјанка Петровска, Венко Филипче и останатите пратеници ниту еднаш не се јавија за збор. По катастрофалниот пораз на парламентарните избори на 8 мај и најслабиот резултат досега со само 18 пратенички места, раководството и партијата целосно се затворија за јавноста и не излегуваа на прес-конференции, а во периодот од 8 до 22 мај, цели две седмици не издадоа ниту едно партиско соопштение, до моментот кога Ковачевски поднесе оставка од лидерската позиција на СДСМ. Иако најавуваа дека ќе бидат конструктивна, проевропски ориентирана опозиција и силен критичар на погрешните политики на власта, на првата седница на новото Собрание само ги слушаа останатите говорници, а не се јавија за збор ниту кога новоизбраниот спикер Африм Гаши ја кажа заклетвата прво на албански, а потоа на македонски јазик и со тоа го прекрши Уставот.

Аналитичарот Петар Арсовски смета дека ваквото однесување на партијата по изборниот пораз и на првата седница е резултат на тоа што СДСМ сега е силно свртен кон себеси.

– Тие се во длабока интроспекција и тоа целосно ги окупира. Тие во моментот како партија се без водство, старото раководство си даде оставки, ново раководство немаат и се во некаков вакуум. Ова што сега се случува и реакциите по конститутивната седница можеби е дел од внатрепартиската тепачка пред престојниот конгрес за избор на новото раководство. Или, пак, актуелните пратеници сега не сакаат да превземат некои чекори во Собранието кои би можеле да се спротивни од стратегијата за делување на идното раководство. Можеби внимаваат да не изнесат некои ставови заради кои утре и дополнително ќе бидат критикувани – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Во врска со повиците што на социјалните мрежи ги упатуваат партиските членови дека Ковачевски, Спасовски, Филипче и останатите треба да си поднесат оставки и од пратеничките функции, а не само од партиските, како најодговорни за изборниот пораз, Арсовски вели дека е многу очигледно дека внатре во СДСМ силно се заострува реториката.

– Ќе видиме дали е тоа резултат само на претстојниот конгрес или на некоја посериозна криза на политичкиот идентитет на СДСМ. Секако, на партијата ѝ претстојат сериозни промени, затоа што резултатите од парламентарните избори покажаа дека СДСМ премногу се оддалечил од гласачкото тело. А колку е една партија подалеку од своите гласачи, толку поголеми и покоренити реформи мора да спроведе – вели Арсовски.

Лавината од реакции на молкот на пратениците на СДСМ ја покрена партискиот потпретседател Стефан Богоев кој на својот фејсбук-профил напиша дека пратениците треба да дискутираат, а не да молчат.

– Пратениците треба да знаат дека се избрани од народот за во Собранието да аргументираат и да дискутираат, а не да се фотографираат и да молчат. Особено на седници на кои се формира владејачко мнозинство и се избира претседател на Собранието. СДСМ треба да има конструктивна, но пред сѐ корективна и проактивна улога во Собранието. Тоа мора да биде така од самиот почеток. Во спротивно, други партии ќе го преземат опозицискиот простор – напиша Богоев.

Членот на извршниот одбор на партијата, Андреј Петров во гостување на „Сител“ рече дека го изел срам што никој од пратениците на СДСМ не зел збор на првата собраниска седница.

– Никој не стана да каже ништо, а веројатно требаше да им каже на новите коалициски партнери во власта дека сега може да биде Претседател на Собрание, што не го спорам, човек што има два пратеника и што не е од македонска етничка група, а до пред извесен момент за тогашната опозиција тоа беше спорно. Никој од тамошните пратеници од СДСМ не смогна сила да каже и тоа кај мене предизвика чувство на срам – рече Петров.

Васко Кичевски, кој е на функцијата секретар за јавни политики во Владата со својата реакција ги испрати пратениците „по дома“.

– Замислете пратеник на најголемата опозициска партија кој сака да стане претседател на таа партија, а нема храброст да стане да зборува на денот на конституирањето на Собранието. Дечки, ај по дома доста беше! – напиша Кичевски на Фејсбук.

Поранешниот пратеник Мартин Костовски пратениците на СДСМ ги нарече ќутолози.

– Главна улога на пратеникот е да зборува на говорница, да брани став и да презентира политики. „Ќутолози“ не му се потребни на СДСМ. Фер е на почетокот на мандатот да се каже можам или не можам. Срамота е Левица да го контаминира опозицискиот простор на политичката сцена. Нема страв, мора жестока акција, молкот не е конструктивност. Сакам моќен СДСМ кој ќе го дроби ДПМНЕ на говорница – порача Костовски.

Се јави и струмичкиот градоначалник и поранешен пратеник на СДСМ, Костадин Костадинов.

– На почетокот беше зборот, пишува на еден преубав мозаик, дело на големиот Газанфер Бајрам, во салата за пленарни седници во македонскиот Парламент! Да не помине, неслушнато и невидено – напиша тој на Фејсбук.

Пред три дена Извршниот одбор на СДСМ одлучи да распише вонредни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ, кои ќе се одржат на конгрес на 30 јуни 2024 година. Утре на седница Централниот одбор треба да го усвои правилникот за критериумите, начинот и роковникот за спроведување на постапката на највисоко демократско ниво од страна на Централната изборна комисија.

„Членовите на Извршниот одбор, како и раководството на СДСМ, заменик-претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организацискиот секретар, секретарот за меѓународна соработка, поднесоа оставки од функциите. Се повикуваат и членовите на Централниот одбор да го следат примерот како морален чин на одговорност. Со повлекувањето на претседателот на СДСМ, сите претседатели на општински организации и претседателот на градската организација се во оставка со оглед на фактот дека се именувани од страна на претседателот, а нивната функција ќе ја извршуваат до избор на нови“, соопшти тогаш партијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот