photo: Alexandros Michailidis

Грција: Скандал со субвенции ја тресе владата на Мицотакис

Веќе една недела грчката јавност е потресена од афера со незаконски добиени земјоделски субвенции од ЕУ. Со измами се добиени стотици милиони евра. Обвинувањата од Брисел веќе доведоа до први оставки.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис неочекувано искажа каење изминатиот викенд: „Потфрливме“, напиша тој на Фејсбук и вети поенергична борба против корупцијата, вклучително и против функционери од неговата сопствена партија, Нова Демократија (НД).

Со тоа Мицотакис се осврна на најновиот скандал поврзан со злоупотреба на средства од Европската унија во Грција, кој во моментов го истражува Европското јавно обвинителство (ЕППО). Станува збор за земјоделски субвенции во износ од неколку стотици милиони евра, кои биле исплатени од надлежната грчка агенција ОПЕКЕПЕ за непостоечки овци и кози на Крит, па дури и за плантажи со банани на планината Олимп. Се тврди дека тоа се случувало со знаење на двајца поранешни министри за земјоделство од владата на Мицотакис: Макис Воридис, кој ја извршуваше функцијата од 2021 до 2023 година, и неговиот наследник Лефтерис Авгенакис, кој остана на должноста до 2024 година.

Воридис, кој е познат и како добар правник, стана министер за миграции дури во март оваа година. Минатиот петок (27.06.2025), тој поднесе оставка за, како што рече, да се „посвети на одбраната на својата невиност“. Оставка поднесоа и тројца министри без ресор кои се вмешани во аферата.

Одамна познат скандал

Скандалот со ОПЕКЕПЕ е познат веќе неколку месеци. На 17 јуни годинава, Европската комисија ѝ изрече на Грција казна од 415 милиони евра. Во мај, Европското јавно обвинителство официјално се пожали дека грчките власти на Крит се обиделе да ги спречат истрагите.

Сепак, грчката влада не реагираше на обвинувањата и не презеде никакви мерки – сè додека ЕППО минатата недела не му предаде на грчкиот парламент информации за наводна вмешаност на министри во кривични дела. Европското обвинителство мораше да го стори тоа, бидејќи според грчкиот закон, само парламентот е надлежен да покрене истраги против актуелни или поранешни членови на владата преку истражна комисија.

„Криминална организација“

Веќе една недела пратениците имаат пристап до досието на ЕППО, кое не смее да се објавува. Станува збор за обемна документација од 3.000 страници, во која се опишува „криминална организација“ составена од службеници на ОПЕКЕПЕ, пратеници и поединци кои незаконски добивале европски средства. Во досието се наведени 15 пратеници – 13 од владејачката НД и по еден од опозициските партии ПАСОК и Сириза – како и регионални службеници и поранешни раководители на агенцијата. Документот детално опишува како организацијата особено била активна на Крит.

И покрај забраната за објавување, изминатите денови грчките весници објавија компромитирачки дијалози меѓу функционери на владејачката партија, кои, како што пишуваат, личат на сцени од мафијашки филм.

Меѓу нив се и разговори меѓу високи службеници за тоа како, со помош на министерот за правда, да ги исклучат истражителите од ЕППО од истрагата.

Додека трае забраната за објавување, автентичноста на овие дијалози не може да се потврди. Сепак, Мицотакис не ја доведе во прашање нивната веродостојност. „Дијалозите што излегоа во јавност предизвикуваат гнев и згрозување“, напиша тој на Фејсбук, додавајќи дека секој кој добил европски средства на кои немал право, ќе мора да ги врати. Воедно најави и укинување на агенцијата ОПЕКЕПЕ до крајот на годината.

Мицотакис под притисок

Грчкиот премиер се обидува да се претстави како реформатор и борец против корупцијата и нефункционалноста на политичкиот систем. Но останува нејасно дали граѓаните ќе му поверуваат. Неговата влада е засенета од бројни скандали – од аферата со прислушување, преку смртоносниот бродолом кај Пилос, до железничката несреќа кај Темпи. Иако секогаш ветуваше целосна истрага и одговорност за виновните, Грција сè уште ги чека тие резултати.

Затоа повеќе од 70% од граѓаните во сите анкети од почетокот на годината ја обвинуваат владата за прикривање.

Дополнителен проблем е што за расветлување на скандалите, како оној со прислушувањето, железничката несреќа или ОПЕКЕПЕ, повеќе се залагаат институциите однадвор – Европскиот парламент и Европската јавна обвинителка – отколку самите грчки власти.

Нов министер за миграции со уште порестриктивна политика

Во секој случај, премиерот Мицотакис повторно се соочува со криза и се обидува што побрзо да ја надмине. Истовремено испраќа политичка порака до сè поконзервативната јавност и десното крило на својата партија, кое не е секогаш задоволно од неговата политика.

Веќе за време на викендот, го замени разрешениот министер за миграции Макис Воридис со Танос Плеврис.

Плеврис, исто како Воридис, потекнува од екстремно десничарската партија ЛАОС и е единствениот пратеник на НД кој застапува уште поостра миграциска политика од својот претходник.

Уште во 2011 година Плеврис имаше јасна визија за решавање на миграциското прашање: строга контрола на границите и „одвратувачки мерки“ со кои Грција би изгледала како „пекол“ во очите на мигрантите. На една конференција на десничарското списание „Патриа“, тогаш изјави дека „без жртви нема безбедност на границите“. Буквално рече: „Безбедноста на границите бара мртви“.

А за оние што би успеале да ја преминат границата, имаше јасен предлог: да не добијат никаква социјална помош, ниту храна, ниту вода, ниту пристап до здравствена заштита. „Тие мора да живеат полошо отколку во своите земји“, рече тогаш, наидувајќи на аплауз од присутните.

Иако поминаа речиси 15 години, Плеврис никогаш не се дистанцираше од своето ксенофобично минато.

Извор: Дојче веле/ Автор: Каки Бали

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот