Парга, Грција - Фото: Alpineguide / Alamy / Profimedia

Грција ќе го намали ДДВ за сите острови со помалку од 20 илјади жители

Намалувањето на ДДВ за сите острови со помалку од 20.000 жители „исправува голема неправда во однос на северните и јужните егејски региони“, изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за време на посетата на селото Ацики на островот Лимнос во четвртокот, објави АНА-МПА, пренесува БТА.

Тој разговараше со локалното население за влијанието на намалувањето на даноците врз малите села и оддалечените егејски острови откако планираните мерки ќе стапат во сила на 1 јануари 2026 година. Коментарите на Мицотакис се однесуваат на најавеното намалување на ДДВ од 30 проценти за островите во северниот Егејски регион, префектурата Еврос и Донеканез, кои имаат до 20.000 жители според последниот попис од 2021 година. Мерката, која вклучува 19 острови, ја објави грчкиот премиер за време на неговиот говор на отворањето на Меѓународниот саем во Солун на 6 септември, заедно со серија даночни олеснувања во вкупен износ од 1,6 милијарди евра.

Весникот „Катимерини“ прецизира дека островите што ќе имаат корист од намалувањето на ДДВ од 30 проценти се Самотрака, Лимнос, Агиос Ефстратиос, Псара, Инусес, Икарија, Фурни, Липси, Тилос, Агатониси, Калимнос, Патмос, Халки, Кастелоризо, Нисирос, Сими, Астипалеја, Карпатос и Касос. Мерката ги вклучува и малите острови што припаѓаат на гореспоменатите општини. Ова значи дека за овие места стандардната стапка на ДДВ, која е 24 проценти, ќе се намали на 17 проценти, намалената стапка, која е 13 проценти, ќе се намали на 9 проценти, а најниската стапка од 6 проценти ќе се намали на 4 проценти, објавува весникот „То Вима“. На овој начин, и основните стоки и услуги ќе станат подостапни за локалните жители.

Намалена стапка на ДДВ веќе се применува од 2018 година на пет егејски острови – Хиос, Лерос, Самос, Лезбос и Кос, кои одржуваат центри за прием на мигранти, потсетува „Катимерини“. Проширувањето на мерката има за цел да поддржи поширок спектар на погранични области кои се соочуваат со акутен демографски притисок, географска изолација и повисоки трошоци за живот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот