Плажа во Сивота, Грција/ Фото: Драган Митрески

Грција: Итно се бараат странски работници

Туристичката бранша во Грција страда од сериозен недостиг на персонал и зависи од странска работна сила. Но, Атина со строги мерки ги одвраќа имигрантите и го ограничува доселувањето.

„Уште денес на колена би одела до црквата во Мегалохари само за да најдам на време работник за следната година“, вели Матина, сопственичка на елегантниот бутик „Армонија“ на Тинос. Таа алудира на најпознатото грчко поклонение, кое секоја година на 15 август се случува на островот Киклад. Поклониците на колена се движат по долгата угорнина до црквата молејќи се Дева Марија да им ги исполни желбите за здравје, помош и поддршка.

И Матина се надева на помош. Таа очајно бара персонал – безуспешно, иако платите на Тинос се малку повисоки отколку во Атина и таа може да понуди и сместување. Но, станува сè потешко да се најдат работници за летната сезона. Речиси насекаде на популарниот остров за летување, има закачено табли со написот „Се бара персонал“.

Во продавницата за накит веднаш до бутикот, пријателски расположената продавачка Тамар едвај разбира грчки. Таа ги знае само вообичаените поздрави, а потоа веднаш преминува на англиски. За да разбере што сакаат постарите грчки клиенти, мора да го повика шефот. Златарот и покрај тоа е задоволен што нашол вработен за целото лето. Тамар потекнува од Грузија, легално престојува во  Грција  како сезонски работник и на Тинос е веќе еден месец.

Грчките хотелиери очајно бараат поддршка

Теориски многу повеќе луѓе како Тамар би можеле легално да дојдат во Грција за работа. Минатата пролет земјата потпиша такви договори со Ерменија, Грузија и Република Молдавија, како и со Индија, Филипини и Виетнам и се обврза да регрутира 40 илјади странски работници. Но во реалноста договорите или воопшто не се спроведуваат, или пак многу бавно.

Бирократијата е комплицирана, грчките конзулати во странство имаат недоволно персонал, а понудите не се особено атрактивни. Хотелиерите низ целата земја сè уште очајно бараат рецепционери, чистачи, спасувачи, вратари, келнери и готвачи. Според Грчкото здружение на хотелиери, најмалку 60 илјади работници недостигаат во нивната индустрија.

Досега невиден недостиг на работна сила

Делумно ваквата ситуација е реликт од времето со пандемијата на коронавирус од 2020-2023 година, кој се чувствува ширум Европа, вели Јоргос Хосоглу, претседател на Панхеленската федерација на работници во прехранбениот и туристичкиот сектор.

Во Грција проблемот е особено акутен. „Сведоци сме на невиден недостиг од квалификувана и искусна работна сила, особено во хотелскиот и угостителскиот сектор, откако тие си заминаа за време на карантинот, а многумина никогаш не се вратија во старата бранша”, вели тој. Според Хосоглу, зависноста на браншата од сезоната е причина за ова. Откако туристите си заминуваат, а хотелите и баровите на плажите се затвораат, работниците имаат само три месеца право на надоместоци за невработеност.

„Како да го преживеат остатокот од годината, особено сега кога трошоците за живот се долго време во пораст?“ Освен тоа, сè повеќе помлади Грци си ја бараат сезонската среќа во Северна Европа, дури и на Исланд. А, многу Албанци кои со децении во Грција работеа како евтина работна сила или се близу пензионирање, или пак емигрираат.

Заборавените Албанци

И де факто грчката економија уште од 90-тите години се потпира на имиграцијата, како во туристичкиот сектор, така и во земјоделието и градежништвото. Сѐ до економската криза, Грција во голема мера зависеше од работници од  Албанија.  За време на „Програмите за спасување“ (2010-2018 година), побарувачката нагло се намали, но по пандемијата повторно многукратно се зголеми бидејќи економијата почна да заздравува, а туризмот да расте. Ова истовремено се случуваше и во други земји кои нудат поконкурентни плати и полесни процедури за легализација на доселувањето. Затоа многу од иселените земјоделци никогаш не се вратија во Грција.

Очигледно е дека на Грција ѝ е потребна атрактивна имиграциска политика. Покрај 60 илјади работници потребни во туристичкиот сектор, има потреба од 50 до 60 илјади во градежната индустрија и 60 илјади во земјоделскиот сектор.

Атина: поместување на десно наместо разумна доселеничка политика

Но, конзервативната влада на премиерот Киријакос Мицотакис одлучи  да игра на картата контра имиграција  и смета дека најдобар начин за надминување на кризите, скандалите и нискиот рејтинг во анкетите е со ригорозни мерки против имигрантите. Целта е да се придобијат десни гласачи. Стариот министер за миграција Макис Воридис, кој се повлече од функцијата кон крајот на јуни поради скандал со нелегални субвенции од  ЕУ за земјоделието, им го отежнуваше животот на многу легални имигранти. Првиот потег беше да ја „замрзне“ можноста за продолжување на рокот за издавање дозвола за престој. Тоа за имигранти кои живеат и работат во земјата – некои и со години – претставува голем проблем.

Новиот министер, десно екстремниот Танос Плеврис, едвај се занимава со  итната потреба од легална имиграција.  Наместо тоа, тој веднаш се заложи за натамошно заострување на законот за азил – дури и до точка на поткопување на ова право. Според него,  репатријацијата на нелегалните имигранти е врвен приоритет. Тој смета дека мигрантите кои нелегално влегуваат во Европа, или чии барања за азил се одбиени, немаат право ни да останат во Европа и треба веднаш да бидат вратени во своите земји.

„Затвор или враќање“

На неформалниот Совет на министрите за внатрешни работи и за имиграција на ЕУ во Копенхаген (22 јули 2025 година), Плеврис јасно стави до знаење дека Грција не може да се справи со зголемениот  прилив на мигранти од Либија.  Според грчкото Министерство за надворешни работи, станува збор за 9 илјади лица пристигнати од почетокот на годинава, претежно преку островот Крит. Плеврис гордо го претстави својот нов закон, во кој е предвидена затворска казна од две до пет години за одбиени баратели на азил кои не се враќаат во својата татковина.

„Оној кој нелегално престојува во нашата земја има две опции: затвор или враќање дома“, рече министерот, кој наложи да се изработи плакат со слоганот и да се шири на социјалните медиуми.

Извор: Дојче веле/ Автор: Каки Бали

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот