
Грандиозен проект ќе биде презентиран на изложбата „Ecce Homo Macedonicus! Осмо светско чудо“ на Жарко Башески
Изложба со комплексен наслов „Ecce Homo Macedonicus! Осмо светско чудо“ на скулпторот Жарко Башески ќе биде отворена на 12 август, во 20 часот, во научниот уметнички центар „Куќата на Уранија“ – МАНУ во Охрид.
Препорачано
Изложбата на скулпторот Жарко Башески во „Куќата на Уранија“ во Охрид е дел од годинашната програма на МАНУ и вклучува десетина веќе познати дела на авторот, но и презентација на сосема нов концептуален проект, грандиозен објект во големи димензии, изработен од бронза и челик.
Идејата е долги години развивана заедно со проф. Јордан Плевнеш, познат писател од светски рамки и автор на најкраткиот роман во светската историја „Осмото светско чудо – колевка на цивилизацијата“.
– Со Жарко Башески, еден од најпознатите македонски скулптори чии дела се наоѓаат во повеќе престижни галерии и светски музеи, речиси две децении водиме разговори за Осмото светско чудо, кое по Светилникот во Александрија би значело обединување на светската „цивилизација на љубовта“, и кое би било подигнато на македонската планина Галичица од која се гледаат двете митски езера – Охридското и Преспанското, на планината на која растат повеќе илјади ендемски видови на растенија и е единствениот резерват на светот на 1.200 ноќни пеперуги – истакнува драмскиот писател и дипломат Јордан Плевнеш.
Проектот „Ecce Homo Macedonicus! Осмо светско чудо“ во основа ја претставува формата на веќе добро познатата скулптура „Обичен човек (Ordinary Man)“ на Башески, но овој пат во поинаков материјал. Изборот на материјали за изградба на овој проект, како и конкретната форма на „Обичен човек “, тесно се поврзува со концептот на авторот. Изложбата ќе може да се посети до 27 август во „Куќата на Уранија“ во Охрид.
По повод изложбата на Башески, во својот обемен текст, писателот Венко Андоновски, меѓу другото, истакнува: „Секој што застанал пред скулптурите на нашиот реномиран скулптор Жарко Башески (1957) почувствувал мешавина од воодушевување и ежавење. Воодушевувањето доаѓа од Аристотеловото мимезис, или подражавање, нешто што ликовната критика кај него го именуваше како ’хиперреализам‘. Ежавењето, пак, доаѓа од сфаќањето дека ’копијата‘ на стварноста изобразена во скулптурата е речиси верна на оригиналот. Поточно, на уникатот, затоа што Башески главно се фокусира на телото, а секое тело е уникатно, како впрочем и секоја личност и душа. Според тоа, ужасот, кој и самиот е наслада, доаѓа од сознанието дека и уникатното може симулакрично да се умножува. Тоа е како да постојат двајца целосно исти примероци на ист човек. Ама целосно исти, без ниедна разлика, без ниедна differentia specifica. И конечно, тоа ужасување од сознанието дека нема уникат, поминува повторно во воодушевување, зашто станува јасно дека оној што ги создал тие скулптури ја има истата техне (во старохеленската смисла на зборот) како и Творецот и Седржителот на уникатите, штом тие не се разликуваат воопшто од делата на рацете Господови.“
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 242, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.8.2024)