„Не ме чекај“ на театарот „Гледај го снегот на трепките“ од Нант, Франција

Гран-при за француската претстава „Не ме чекај“, детското жири ја награди „По трагите на волкот“

Третото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, во организација на НУ Театар за деца и младинци – Скопје, се одржа од 1 до 5 октомври, а на последната вечер свечено беа доделени театарските награди.

Детското жири во состав: Неда Блажевска, Тео Манев, Уна Дона Силјановска, Бисера Мојаноска, Теофил Сачкарски, Саша Димитриевска, Ведран Маричиќ, за најдобра претстава на фестивалот ја прогласија „По трагите на волкот“ во режија на Јакуб Максимов од Чешка, а во изведба на Младинскиот театар од Нови Сад, Србија.

Стручното жири составено од Рената Карола Гатика (претседател) од Хрватска и членовите Ана Левајковиќ Бошков, актерка, и Биљана Крајчевска, драматург, за најдобра претстава ја прогласи „Не ме чекај“ на театарот „Гледај го снегот на трепките“ од Нант, Франција.

– Претставата е едно неверојатно патување кое нѐ води низ исклучително иновативни и богати визуелни решенија преку симпатични и духовити ликови, низ распон на емоции, а најважното е универзалната и секогаш актуелна порака: „Домот е онаму каде што си ти, домот е секогаш во тебе“ – образложи жирито.

Наградата за најдобра режија му беше доделена на Јакуб Максимов за претставата „По трагите на волкот“ според романот на Џек Лондон во изведба на Младинскиот театар од Нови Сад, Србија.

„По трагите на волкот“ во режија на Јакуб Максимов

Наградата за сценографија му беше доделена на Лусил Регер за претставата „Не ме чекај“ на театарот „Гледај го снегот на трепките“ од Нант, Франција.

Наградата за костимографија ја доби Каролина Арандија за претставата „По трагите на волкот“ во изведба на Младинскиот театар од Нови Сад, Србија.

Жирито додели две награди за актерски остварувања на Вера Розанова за претставата „Не ме чекај“ на театарот „Гледај го снегот на трепките“ од Нант, Франција, и на актерката Петра Шарац за претставата „О, ла ла“ на Градски куклен театар од Риека, Хрватска.

Специјалните награди за колективна актерска игра беше доделена на Младинскиот театар од Нови Сад, Србија, за претставата „По трагите на волкот“, и на „Краљевскиот театар“ за претставата „Тогаш кога се изгубивме“.

Специјална награда за музика добија композиторката Звездана Новаковиќ и музичката изведба на актерката Маја Куншиќ. Специјална награда за најдобар драмски текст се додели на Лоте Фаруп за текстот „Тогаш кога се изгубивме“.

На фестивалот „Игор Маџиров“ беа изведени десет претстави, беа одржани две работилници за деца и млади и се одржа панел-дискусија посветена на детскиот театар.

И оваа година фестивалот беше поддржан од Министерството за култура и туризам, а под покровителство на Претседателот на РС Македонија, Гордана Сиљановска Давкова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот