Злате Лозановски/ Фото: Слободен печат

Граѓански за градот

Променет, ќе одам да ја извршам граѓанската, а не партиската должност. Не кажувам за кого ќе гласам, оти ќе се види дека навивам за лицето што има образ Г. М. Бидејќи, како што вели, сѐ уште нема нулта смртност на улиците, треба да се исполни само уште еден услов – да не ме прегази некој што со 120 км на час брза да прогласи победа уште пред првиот круг.

Имало, и ќе има, многу избори, ама ретко кога сме имале избор. Како сега на овие локални во октомври. Зашто, помеѓу претендентите за градоначалник на Скопје е Горан Марковски, декан на Градежниот факултет, како независен, или како кандидат на независните, сеедно. Поточно би било да кажеме некој што се кандидирал независно од нас, не по наша заслуга, барање… Значи со ништо непредизвикан од оние на Избирачкиот список. Поважно, шансата за граѓаните и за градот сега е тука.

Поупатен во провиденијата би рекол дека некој сè уште, и покрај сè што (не) направивме, сепак решил да ни испрати чамец, а не галии, за спасување. Дали со него ќе тргнеме во посакуваниот правец или и натаму ќе останеме заглавени во место со вторите, зависи од нас. Под ова „нас“ не мислам на оние што знаат за кого ќе гласаат уште пред да ги дознаат имињата на кандидатите, туку на оние „неопределени“ што се вадат дека би гласале, ама нема за кого. Сега тоа оправдување едноставно не важи. Ниеден од досегашните градски татковци во плурализмот не располагал со таква компетенција, не само градежна и затоа, но не само поради тоа, сметам дека на Скопје му треба Горан за градоначалник.
Quod erat demonstrandum, што би рекле старите скопјани, современици на Јустинијан Први.

Пред тоа, една мала дигресија, што има врска и со докажувањето. Славниот американски писател Керт Вонегат смета дека е кретен секој што не ја прочитал книгата на Алексис де Токвил „За демократијата во Америка“, таа според него ненадмината студија за двете нешта во насловот, иако објавена пред речиси 200 години. Во романот „Кланица пет“ Вонегат пишува – бил очевидец – за рушењето на Дрезден во 1945 година. Многу од забелешките на Токвил важат и за демократијата во Македонија денес. Со описите на Дрезден не може, не целосно, да се отслика состојбата во Скопје во 2025. Бомбардирањето од сојузниците сепак било пострашно од владеењето на градоначалниците. Некој циник (види потпис) би рекол: нијанси се во прашање. Но, Вонегат може слободно да го цитираме ако сакаме да го опишеме строгиот центар на главниот град – кратерот кај „Беко“, тарабите кај црквата на улица Македонија, фасадите на зградите „Пелагонија“ и на ЕСМ кај Градскиот трговски центар, распаднатите тротоари поплочени со добри намери…

Се враќаме на аргументите зошто Марковски треба да биде избран за градоначалник. И, не помалку важно, под кои услови може да се случи тоа.

Еден умен совет вели дека ништо не е тешко да направиш, само ако се доведеш во ситуација да го направиш. Како стручњак, професор со брилијантна кариера, духовно и материјално (о)безбеден се довел во ситуација да влезе во кампањата, во арената која тешко може да се нарече политичка? Сигурно знаел за ситуацијата – дека ќе биде цел на најниски удари од сите (засегнати) страни; дека ќе го гаѓаат со сите средства, особено со недозволени, за уништување не само противкандидати туку и личности; дека нема да биде поштеден од лаги, измислици и спинови во врска и со неговиот приватен живот и со неговиот јавен ангажман; дека успехот не му го простува никој; дека машинеријата за мелење е во туѓи раце; дека неговите шанси за победа се малку помали од минимални и така натаму.

Еве го неговиот одговор: „За мене беше веќе невозможно да го слушам крикот на нашето напатено Скопје. Крикот на мојот роден град и град кој останува без својот идентитет. Инженерите ги решаваат проблемите, но не декларативно. Тоа е разлика помеѓу нив и другите. Наместо да говориме за нулта смртност на улиците, ние зборуваме за нашиот опстанок. Не можеме да го направиме Скопје европски град како што би сакале, но можеме да тргнеме во правецот кој го посакуваме“!

Значи, решил да каже стоп, да покаже храброст, одговорност, да демонстрира дека се може и со други средства, да ризикува многу повеќе отколку што може да се добие. Без разлика на цената што треба да ја плати, да направи нешто за доброто на сите, за градот. И сето тоа со личен пример. Чисто за промена.

Ама и овој пат има едно ама. Џабе му е и знаење, и искуство, и реноме и волја и сиот капацитет кога не може сам да победи. Кога мора да се надева на нас гласачите. Кога од нас зависи. А знаејќи кои и какви сме оној циник би рекол – за жал. Не дека е тешко да гласаме за таков кандидат, ама како да се доведеме во ситуација да го направиме тоа? Како да гласаме зашто сакаме, а не зашто мораме? Како и ние апатични, неми жртви на гласни и гнасни лаги и притиснати од сите страни и ние, а не само тој, да станеме независни? Сѐ додека не промениме барем нешто во себе, сè дотогаш на изборите нема ништо да смениме. Имаме слобода на мислење, само да покажеме дека имаме мислење. Сопствено, се разбира. А можеме, не е тоа ништо страшно. Да бидеме реални, не се бара невозможното. И ќе бидеме горди на тоа постигнување. Дури и без разлика на исходот од изборите.

Еве што прочитав (барем Вонегат да не ме смета за кретен) кај Токвил: „Навистина е тешко да се сфати како луѓето кои сосема се откажале од навиката да управуваат сами со себе може добро да ги изберат тие што ќе ги предводат. Невозможно е да убедите некого во тоа дека слободоумна, мудра власт некогаш ќе произлезе од избори на кои гласаат послушници“. И уште ова: „Она од што треба да се плашиме не е неморалот на функционерите, туку неморалот што води до високи позиции“.

Значи, дел од доказите, односно условите во врска со Марковски:

Ако сфатиме дека полесно ќе ги исчистиме улиците, штом од главата ќе го исфрлиме ѓубрето;

Ако гледаме дека има многу амбициозни да се видат себеси во градот, без ниедна амбиција да го видат градот во себе;

Ако сведочиме дека партиските кандидати може да сменат повеќе, ама на полошо;

Ако искуството нè научи дека е подобро некој да направи помалку со знаење, отколку многу со незнаење (Скопје го „изгради“ владетел што не знаеше што е еркер, како што дознавме од „бомбите“, не оние во Дрезден);

Ако ни е доста од залудните молби некој од власта да ни направи, или да не ни направи нешто;

Ако ни треба градоначалник што ќе има мнозинство градот, а не (само) во советот и што ќе решава проблеми, наместо самиот да стане уште еден – и тоа нерешлив – проблем за градот, како досега;

Ако се откажеме од комфорот (погубен) не ме интересираат избори, и без мене работата е завршена;

Ако наместо „аргументот“ – ќе гласам за Марковски, ама еден глас ништо не менува, секој ЕДЕН одлучи да гласа,

Е, тогаш лесно ќе се најдеме во ситуација конечно да излеземе од ѓаволскиот круг во кој со години не вртат едни исти. И да – ќе смениме, многу.

Епилог: јас, променет, ќе одам да ја извршам граѓанската, а не партиската должност. Не кажувам за кого ќе гласам, оти ќе се види дека навивам за лицето што има образ Г. М. Бидејќи, како што рече, сè уште нема нулта смртност на улиците, треба да се исполни само уште еден услов – да не ме прегази некој што со 120 км на час брза да прогласи победа уште пред првиот круг.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот