Сметки струја ЕВН / Фото: Драган Митрески. Слободен печат.

Граѓаните стравуваат дека двапати плаќаат струја, ЕВН вели не е така

Наредните сметки за струја ќе бидат со сменета содржина за да нема забуна кај граѓаните за кој период плаќаат сметка

Многу граѓани деновиве реагираа дека на две сметки за струја им се преклопуваат по неколку денови, поради што тие изразија сомнеж дека за тие денови двапати им се наплаќа струјата. Од ЕВН се категорични дека ниту во една сметка нема двојна наплата и објаснуваат дека граѓаните ја мешаат групата на отчитувачки период во која спаѓаат со реалниот период со наплата.

Неофицијално, пак, како што дознава „Слободен печат“, од наредниот месец веројатно ќе се смени известувањето за групата на отчитување, за што компанијата побарала средба од Регулаторната комисија за енергетика за да се утврди како ќе изгледаат новите сметки, со цел да нема забуна меѓу корисниците.

Официјалното објаснување, за она како сега се информира во сметките, е дека реалната потрошувачка ја пишува на втората страна од сметката.

– Датумите на предната страна на фактурата се всушност датуми на отчитувачката недела на корисникот, односно во која група на отчитувачки период припаѓа корисникот. Додека, пак, датумите за реалното фактурирање на потрошувачката се наоѓаат на задната страна на фактурата. Реално отчитаните датуми никогаш не се поклопуваат со отчитаните датуми во претходниот месец.

Овој податок на прочитана потрошувачка се наоѓа во горниот дел на задната страна, веднаш до ставката: Податоци од броило. Поконкретно, датумите на предната страна се од информативен карактер во која отчитувачка група припаѓа корисникот, а на втората страна се наоѓаат податоците врз чија база се прави пресметката на фактурата. Отчитувањето на клиентите на ЕВН Хоме со тарифа домаќинства и мали потрошувачи се врши по календарски недели.
Како заклучок, на задната страна на фактурата, веднаш до ставката „Податоци од броило“, корисниците може да ги најдат точните датуми за кои им е пресметана потрошувачката на електрична енергија. Овие датуми никогаш не се поклопуваат со денови од претходниот месец и со тоа се подразбира дека не постои ни најмала можност да се соочуваат со двојно плаќање.

Значи, нема двојна наплата и нема преклопување датуми на отчитување – категорично ни изјавија од ЕВН.

Преклопениот период во сметките не е единствено нешто што не им е јасно на граѓаните. Претходно бурни реакции имаше и за мрежарината, која во некои сметки се појави како поголема ставка од самата цена на струјата. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски објасни дека потрошувачите на електрична енергија отсекогаш плаќале за користење на електропреносниот и електродистрибутивниот систем, само што сега првпат цената на струјата е одвоена од надоместокот за пренос на електрична енергија. Според сегашниот ценовник, особено има разлика меѓу цената на струјата во првата блок-тарифа и цената на мрежарината. Цената на еден киловат-час електрична енергија во ниска тарифа што ја имаме од 22 до 7 часот секој ден, а во недела во целиот ден, е 0,6193 денари, а надоместокот за пренос и дистрибуција на електрична енергија, популарно наречен „мрежарина“, за секој киловат, независно од тарифата, е 3,3742 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот