пиперки
Црвени пиперки - ајварки/Фото: Unsplash

Граѓаните шокирани: Бананите од Еквадор се трипати поевтини од домашната пиперка!

Уплав предизвикува и моментална цена од 100 денари за килограм ајварка, што наведува дека есеноска нема да мириса на „македонскиот кавијар“, а пампурите ќе останат студени

Сезонската летна манџа што со години ја крпеше домашната трпеза годинава е последна на менито на македонските домаќинки. Со цена на пиперките од 130 до 170 денари за килограм и на доматите од 60 и 70 денари, ова традиционално јадење доби димензија на луксуз, а граѓаните се шокирани што се случува со цените на зелените пазари и по маркетите. Уплав предизвикува и моментална цена од 100 денари за килограм ајварка, што наведува дека есеноска нема да мириса на “македонскиот кавијар“, а пампурите ќе останат студени. Килограм од овие пиперки според земјоделскиот портал на Министерството за земјоделство во просек чини 110 денари, а најскап е во Охрид дури 150 денари!

– Ова е невозможно. Како да се натпреваруваат кој да биде поскап. На што личи среде лето да се нудат пиперки за две евра. Па барем квалитетот да соодветствуваше со цената. Набрчкани, криви, преполни со дамки. Срамота е да ни продаваат третокласна стока по екстремна цена – вели една купувачка на Зелениот пазар.

Откако завршија сите ограничувања и замрзнувања, продавачите го возвратија ударот. Доматите до пред некој ден се продаваа по 80-90 денари за килограм, гравот не се симнува од 200 до 250 денари за килограм, салатите тераат до 40 денари, свежите печурки чинат исто колку гравот, тиквичките и модриот патлиџан од 25 до 30 денари, бамјите скокнаа на 300 денари, индустриската краставица стигна до 130 денари по маркетите, а на пазарите до 80 денари. Кромидот што цела зима и пролет ја брануваше јавноста со цените, сега е примирен и чини скромни 50 до 60 денари. Посебна приказна е овошјето, а граѓаните велат дека цела среќа е што во маркетите им делкаат резанки, за барем да пробаат, оти цела лубеница од 8 килограми треба да ја платат 250 денари (30 денари за килограм). Најшокантни се цените на дињите, кои деновиве се продаваат од 70 до 100 денари за килограм во зависност каде ќе пазаривате. Најсветла точка се бананите од Еквадор, кои се постојано на акција па цената им се симнува и по 60 денари за килограм!

Граѓаните не видоа голем аир и од двата месеци колку што траеше мерката за замрзнатите цени на зеленчукот и овошјето, која заврши на 1 јуни, бидејќи и покрај заканите за казни на зелените пазари и по маркетите, тие се продаваа по двојно повисоки цени од пропишаните или беа сокриени. Во тој период се прозбори и за јавната тајна дека со години наназад увозниците на овошје и зеленчук успевале со лажни увозни фактури да ни продаваат емиш и зарзават по високи цени.

Агрономот Ристо Велков, претседател на „Агросојуз Струмица“, за „Слободен печат“ тогаш коментираше дека политичарите не треба да прават маркетинг со цените на зеленчукот, оти тоа не е за радување. Според Велков, за да биде земјоделецот задоволен, нему треба да му останат 50 денари од секој килограм домати или пиперки.

Зеленчук во маркет / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

Повторно поскапеа млечните производи

Деновиве пристигнале и нови ценовници на млечните производи, брифираат трговци за „Слободен печат“. Почнувајќи од павлаката па се до овчиот кашкавал, секој производ е поскап во основа од 5 до 30 денари, а на тоа треба да се додаде маржата која од први јули не е замрзната, како и ДДВ од 5 отсто. Оттука е јасно како килограм овчи кашкавал стигна до 900 денари, мешаниот се продава за 700, а кравјиот од 550 до 600 денари. Нема поевтино кравјо сирење од 400 денари, овчото доби цена над 500, а литар јогурт и до 90 денари.

– Прво ги распродаваме трошките сирење, кои чинат 250 денари. Дневно трошиме и по неколку канти, најредовни се пензионерите. Со едно или две јајца имаат цел оброк, месат пити и кифли. Граѓаните речиси и не ги погледнуваат останатите производи – велат во една продавница за млечни производи.

Министерот за економија Крешник Бектеши порача дека инфлацијата ќе паѓа и заедно со другите институции и со стопанските комори и Организацијата за потрошувачи работат на нови мерки кои, ако има потреба, ќе се стават во функција од септември или пак од почетокот на октомври.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот