
Граѓаните повторно на плоштадот Свети Петар, папата повика на заштита на животната средина
Десетици граѓани се собраа на плоштадот „Свети Петар“ во Рим за прв пат по скоро три месеци, да го примат благословот на папата Франциск.
Препорачано
Плоштадот повторно беше отворен за јавноста во понеделникот, по забраната за собири поради коронавирусот. Посетителите ги следеа правилата за физичко растојание, а повеќето носеа маски.
Папата Франциск пораките ги испрати преку интернет, а присутните на плоштадот го гледаа преносот на екрани. Потоа тој се појави на прозорот и тивко ги благословил. Во последните три месеци папата благословите ги упатуваше на празен плоштад.
Папата повторно ја истакна потребата од грижа за животната средина, повика на намалување на употребата на фосилни горива и даде поддршка за научниците, истакнувајќи дека човечката активност е делумно одговорна за глобалното затоплување.
Тој ги повика католиците да размислат следните дванаесет месеци за тоа како можат подобро да ја заштитат животната средина и како да им помогнат на најранливите, кога станува збор за последиците од климатските промени.
Папата посебен поздрав упати до католиците во Кина. Околу 12 милиони кинески католици со децении се поделени на членови на „службената“ црква, која е под контрола на државата и „неофицијалната“ црква лојална на Рим, која властите не ја признаваат, бидејќи нејзините епископи ги назначува Ватикан.
Во 2018 година, Светата Столица и Пекинг потпишаа историски договор за назначување епископи, што значи дека сите епископи го признаа авторитетот на папата.