Книгата содржи песни, проза и есеи на 23 млади автори

Градската библиотека во Скопје ќе го промовира своето издание „Антологија на иднината“

Во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје (ГБСК) на 25 јуни, во 19 часот, во Паркот на поезијата (во дворот на библиотеката), ќе се одржи промоција на изданието „Антологија на иднината“ – избор творби од работилницата за креативно пишување, одржана минатата година.

Книгата „Антологија на иднината“ содржи песни, проза и есеи на 23 млади автори, учесници на работилницата за креативно пишување иницирана и реализирана од ГБСК. Двомесечната работилница ја водеше писателот Александар Русјаков, кој е и уредник на изданието. Автор на корицата е еден од учесниците – Борис Дебси, лектор е Денис Бојаров, а техничката обработка е на Јованчо Димоски. Издавањето на книгата е поддржано од Град Скопје.

Објавувањето на „Антологија на иднината“, како дел од издавачката дејност на ГБСК, е заокружување на целиот процес, што тргнува од премисата институцијата да биде повторно атрактивно место за младите креативци – подвлекува во предговорот директорката Снежана Стојчевска.

– Се восхитувам на оваа силна буица од младешка енергија и искреност, која верувам дека ги задоволува и највисоките книжевни критериуми. Особено сум горда што Библиотеката е издавач на оваа „Антологија на иднината“ – истакнува Стојчевска.

За писателот Русјаков, ова е збирка поезија и проза на исклучително свои и посебни млади книжевни автори од една „обична“ креативна работилница.

– Зад овие редови не се крие, туку се објавува она за кое верувам дека може да стане иднина на книжевната уметност во светот и кај нас во татковината, секако, ако тие одлучат да ја жртвуваат својата удобност и вообичаено воспоставените норми и правила, оти уметноста истовремено вреска и тихува во утробата – напиша Русјаков.

На промоцијата за „Антологија на иднината“ ќе говорат Стојчевска, Русјаков и Александра Јуруковска – координатор на проектот.

Свои творби ќе читаат дел од авторите застапени во Антологијата: Михаела Стефановска, Софија Добревска, Александра Арсовска, Давор Стефановски, Хана Трајкоска, Методија Тасевски, Никола Ристовски, Нино Наумовски, Иво Донев, Матеа Јовановска, Бојана Цветковска, Јована Вуковиќ, Маша Тодевска и Михаела Сталеска. Модератор на настанот ќе биде актерот Андреј Серафимовски, а во музичкиот дел ќе настапи младиот панк-бенд „Малери“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!