Градоначалникот на Љубљана е незадоволен од одлуката на Словенија да му забрани влез на Додик

Градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ го изрази своето незадоволство од одлуката на словенечката влада да му забрани влез во земјата на разрешениот претседател на Република Српска, Милорад Додик, пренесе Нова.

„Не се мешам во одлуките на Владата, но не би го направил тоа и би бил повнимателен“, рече Јанковиќ, додавајќи дека ќе продолжи да ја поддржува работата на премиерот Роберт Голоб, објавија словенечките медиуми.

Словенечката влада во четврток донесе одлука да му забрани влез во земјата на Додик, а причините не беа објавени.

Додик неодамна беше осуден на шестгодишна забрана за занимавање со политика, како и условна едногодишна затворска казна, поради непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.

После тоа, Државната изборна комисија му го одзеде претседателскиот мандат.

Како контрамерка, Република Српска им забрани на словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар и на министерката за надворешни работи Тања Фајон влез во ентитетот.

Јанковиќ изјави дека на следниот состанок ќе му предложи на Додик да ја поништи таа одлука, а коментираше и за неговиот повик до гласачите во Словенија да гласаат за опозицијата и за Јанез Јанша на изборите следната година.

„Секој има право на свое мислење, јас не се мешам во тоа“, додаде Јанковиќ.

Градоначалникот на Љубљана, кој е познат по својата поддршка за Додик и српскиот претседател Александар Вучиќ, зборуваше и за постапките на високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина.

„Тој е типичен производ на Европската Унија, бирократ, сметководител, кој на крајот покажа кој е посилен. Сега можам да го споредам со судиите на кошаркарскиот натпревар Словенија – Германија. Нема да чуете од мене дека судиите краделе, но досудувањето техничка грешка на првиот играч во втората минута е само порака: „Јас сум шеф на овој терен“, заклучи Јанковиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот