
Градоначалникот Костовски го поддржа протестот на бутелчани, ќе побара бришење маркички за згради
Жителите од улицата Хо Ши Мин од населбата Бутел 1, како што најавија, денеска одржаа мирен протест против одлуката на Град Скопје да ја продолжи улицата Боца Иванова, која треба да се протега од кружниот тек до булеварот Христијан Тодоровски Карпош и да минува пред нивните домови. Тие подолг период бараа од градската власт да ја помести улицата за неколку метри за да не се уништуваат дворовите, но Град Скопје не попушти. Граѓаните се сомневаат дека трасата не се преместува затоа што од другата страна, на државно земјиште, се вцртани маркички за изградба на седум згради.
Препорачано

Жителите вчера поднесоа петиција до градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, и побараа да го исполни предизборното ветување дека на овој простор нема да дозволи да се градат згради. Градоначалникот денеска им се придружи на неговите сограѓани на протестот и рече дека нема да дозволи во Бутел повторно да дивее урбаната мафија, ниту ќе дозволи мирните граѓани на оваа општина да бидат третирани како криминалци.
Баба Невена, Чичко Мустафа и Чичко Кирил не се криминалци, тие се чесни жители кои никогаш немале проблеми со законот. Денес со задоволство се приклучив кон протестот кој го организираа жителите на улица Хо Ши Мин, за време на кампањата пред изборите им дадов збор дека ќе се борам со урбаната мафија и ќе дадам се од себе да го зачуваат нивниот мирен начин на живот – рече Костовски.
Тој објасни дека незадоволните жители протестираат против решеноста на градоначалничката Данела Арсовска по секоја цена да изгради улица која поминува веднаш до нивните домови, а дека се уште позагрижени бидејки се сомневаат дека сето ова се прави за да се изградат згради согласно ДУП донесен во минатото. Притоа, како што вели Костовски, градоначалничката не е достапна за овие граѓани и тие повеќе од еден месец не успеваат да остварат средба со неа.
– Денес Општина Бутел испрати допис до Град Скопје со кој ја поддржа граѓанската иницијатива со која од градот Скопје се бара трасата на градската улица да биде поместена, или, во договор со граѓаните, да се изнајде прифатливо решение. На првата седница на Советот на Општина Бутел јас лично ќе потегнам прашање за поништување на маркиците за згради во овој дел на општината – рече Костовски, на тој начин, исполнувајќи ги барањата кои овие жители ги имаа кон него.