
Градоначалникот Коњановски побара Обвинителството да спроведе истрага за наводните лажни пријави од граѓани каснати од кучиња
Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски до Основното јавно обвинителство Битола поднесе иницијатива за отворање на постапка и спроведување на истрага во врска со пријавите за каснување од кучиња скитници кои се доставуваат до општината.
Препорачано
Со иницијативата, градоначалникот Коњановски бара ОЈО Битола да спроведе соодветна постапка врз основа на која ќе се направи целокупна и опсежна анализа, но, и истрага при што ќе бидат отстранети сите сомнежи кои постојат или ќе се утврди кривична одговорност против сите оние кои извршиле злоупотреба и го оштетиле општинскиот буџет, а се стекнале со материјална корист за себеси на сметка на буџетот.
-Иницијативата произлегува по укажувањата од страна на надлежните служби, но, и правните застапници на Општина Битола, дека постои основан сомнеж за сторени злоупотреби од страна на сите вклучени субјекти во постапката во предметите за надомест на материјална и нематеријална штета предизвикана како резултат од напад на куче – скитник кои во изминатиот период се со зголемен број, а врз основа на што Општина Битола трпи сериозна материјална штета. Имајќи предвид дека сум известен дека постои голема база на предмети со ваков основ за надомест на материјална и нематеријална штета предизвикана од куче скитник во кои има сериозни индиции дека настанале неправилности и се извршиле злоупотреби, а притоа истите имаат правна разрешница, но, голем дел се и сè уште незавршени, стоиме на располагање на ваше барање да ги доставиме сите потребни списи од овие предмети, но, и останата потребна документација на увид со цел успешно и непречено завршување на постапката и истрагата-стои во иницијативата на градоначалникот Коњановски до Основното јавно обвинителство Битола.
Правни застапници до градоначалникот Коњановски и Битолскиот Совет, предлагаат изнаоѓање на можни начини за разрешување на проблемот со енормниот број на судски предмети за надомест на штета од каснувања од бездомните кучиња.
Во нивните предлози се наведува потребата од систематска соработка со Клиничка болница Битола и МВР и тоа: преку соработка со Клиничката болница потребно е да се издејствува објективност во извештаите на докторите кои ги прегледуваат пациентите.
-Потребно е да се побара секој доктор во извештајот јасно да наведе дека анамнезата е исклучиво по кажување на самиот пациент, а дека тој како доктор не може да потврди дали раната е нанесена од животно, а не пак како што е случај сега дека е од куче, па дури во најголем број случаи и скитник. Да не се поставува дијагноза W54 која значи рана од каснување од куче, туку дијагнозата да биде рана, а тоа дали е од куче или воопшто животно или нанесена на друг начин да биде предмет на докажување. Да има задолжителен опис на раните, во смисла големина во сантиметри или милиметри, опис на местото на раните, нивниот број, старост на повредите, со сите останати карактеристики-стои во предлогот од правните застапници.
Во еден од предлозите стои дека преку соработка со МВР Битола потребно е со секоја пријава за каснување од куче скитник – МВР Битола преку кримтехника да изврши фотографирање и опис на раните, и при секоја пријава да бара податок за приближно точно време на настан како и точна локација на настанот, како врз основа на таквите податоци би се извршило проверка на самата локација во смисла на видеоснимки од околни објекти или лице кои биле на тоа место.
-На ваков начин, лесно би се докажало дали воопшто се случил настан на самото место, а би се овозможила проверка на објективноста на описот нараните на самиот доктор. Без помош и соработка од овие две институции, не би можело воопшто да се очекува каква и да била можност за реално постапување во судските постапки како и утврдување на кривична одговорност на лицата инволвирани во евентуалните невистинити случаи каде се бара штета, иако истата не била причинета од куче скитник-стои во предлогот од правните застапници доставен до градоначалникот Тони Коњановски и Битолскиот Совет за изнаоѓање на можни начини за разрешување на проблемот со енормниот број на судски предмети за надомест на штета од каснувања од бездомните кучиња.