
Градежните работници во просек прават по 10.000 евра профит за газдата
Податоците за профитабилност во 2024 година покажуваат дека еден работник е толку многу продуктивен што си ја заработува својата плата, ги заработува платите на директорите и на менаџерите, заработува за џип и стан за газдата, за неговите инвестиции и му заработува уште околу едногодишна работничка плата, реагира претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов
Со нето-добивка по вработен од 600.000 денари (безмалку 10.000 евра) во текот на 2024 година компаниите од градежниот сектор се убедливи рекордери во Македонија во однос на овој показател за продуктивноста, анализира Блумберг. Податоците на Народната банка покажуваат дека нивната добивка по вработен лани била двојно поголема од просекот на целиот корпоративен сектор, кој изнесувал 300.000 денари (околу пет илјади евра) и е значително поголема од добивката по вработен во ИКТ-компаниите од 400.000 денари (околу 6.500 евра), со што оваа дејност го зазема второто место на листата дејности рангирани по овој показател.
Препорачано
Забележително е дека градежните компании имале рекордна добивка по вработен иако имале помали приходи по вработен, што е уште еден показател за продуктивноста. На врвот на листата дејности рангирани по остварени приходи по вработен лани биле трговијата на големо и мало, транспортот, складирањето и угостителството, со сума од 7,3 милиони денари (околу 118.000 евра). Потоа следуваат компаниите од индустријата, кои лани имале приходи по вработен од 5,5 милиони денари (околу 89.000 евра).
По објавувањето на оваа вест остро реагираше Сојузот на синдикати.
„Сојузот на синдикатите на Македонија остро реагира на сите обиди на газдите и на нивните комори и организации да ја потценуваат и да ја навредуваат продуктивноста на македонските работници. Овие податоци недвосмислено ја докажуваат високата продуктивност на работниците, и го разобличуваат лажниот наратив дека ‘работниците не биле продуктивни’ и затоа платите немало можност да се зголемат“, соопштија од ССМ.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на својот фејсбук-профил објави:
„Ваквите податоци покажуваат дека еден работник е толку многу продуктивен што си ја заработува својата плата, ги заработува платите на директорите и на менаџерите, заработува за џип и стан за газдата, заработува за инвестициите на газдата и на газдата му заработува уште околу едногодишна работничка плата (околу едногодишна нето минимална плата)“, напиша Трендафилов.