
„Големиот Гетсби“ 100 години подоцна: Романот кој сите погрешно го разбраа
Сто години по објавувањето, класикот на Фицџералд продолжува да фасцинира и збунува со сè, од прикажувањето на раскошните забави до моралниот бродолом на американскиот сон.
Препорачано
„Големиот Гетсби“ денес е синоним за раскошни забави, шампањско и блескавост, но токму ова е едно од многуте погрешни толкувања на романот што Ф. Скот Фицџералд го објави во април 1925 година.
Речиси ниеден лик во литературата не го отелотворува духот на едно доба толку истрајно како Џеј Гетсби. Речиси еден век откако оживеа во имагинацијата на Фицџералд, оваа трагична романса стана симбол на џез ерата, екстравагантните девојки и бескрајните забави. Денес, неговото име краси сè, од луксузни хотели до брендови на колонска вода, па дури и сендвич е именуван по него.
Но, сето ова е во ироничен контраст со неговиот вистински карактер: Гетсби не е само шармантен домаќин, туку и шверцер, измамник и опсесивен сонувач – порано познат како Џејмс Гетс – чиј „американски сон“ на крајот се распаѓа во насилство и бесмисленост. Ако ги отелотворува можностите на тој сон, тогаш ги покажува и неговите граници, пишува Би-би-си.
Роман кој никој не го разбра
Фицџералд бил разочаран веднаш по објавувањето на романот.
„Ниту една, дури ни најпофалната рецензија, немаше поим за што всушност станува збор во книгата“, му се пожалил тој на својот пријател Едмунд Вилсон во 1925 година. Критичарите го перцепирале романот како криминалистичка приказна и го оцениле млако, а „Њујорк ворлд“ потоа едноставно го отпишал со насловот „Најновиот неуспех на Фицџералд“.
Покрај тоа, се продавал лошо, а до смртта на авторот во 1940 година, речиси исчезнал од продажба. Неговата судбина се променила дури на крајот од Втората светска војна, кога американската армија го вклучила „Гетсби“ во своите специјални изданија за армијата. Повеќе од 150 илјади примероци биле дистрибуирани до војниците, што отворило ново поглавје за романот.
Во текот на 50-тите, во ерата на американскиот сон во подем, романот доби ново значење. До 1960-тите стана стандардно четиво, а во 1970-тите придавката Гетсби влезе во популарната култура по филмската адаптација во која глуми Роберт Редфорд.

За што всушност зборува Гетсби
Експертот за американска литература Вилијам Кејн од Универзитетот Велсли, се согласува дека Ник Каравеј, нараторот во романот е всушност клучот за разбирање на романот. Фицџералд, вели тој, свесно избрал наратор кој истовремено му се восхитува на Гетсби и го презира, па затоа читателот мора постојано да го доведува во прашање своето разбирање.
Американскиот сон – централната тема на романот – останува исто толку релевантен. Фицџералд го прикажува како моќен, но често недостижен идеал, особено за оние кои не се „родени со сребрена лажичка“ во устата. „Многу луѓе копнеат по тој сон, но повеќето не можат да го достигнат. И губат премногу обидувајќи се“, вели Кејн.
Сто години по објавувањето, делото на Фицџералд останува живо не затоа што опишува декадентни забави, туку затоа што со секое ново читање ни покажува нешто за нас самите. Како што вели Смит: „Тоа е роман кој постојано се менува – затоа што и ние се менуваме. И тоа е она што го прави одличен.“
View this post on Instagram