фото: EPA/JOHN G. MABANGLO

Голема промена на Ол-стар мечот во НБА лигата, Американците против остатокот од светот

НБА Ол-стар натпреварот би можел да добие сосема нов формат почнувајќи од 2026 година, во кој ќе се соочат тимови составени од играчи од Соединетите Американски Држави против тим на светот, објави новинарот на ЕСПН, Шемс Чаранија.

Планот наводно е да учествуваат три тима од по осум играчи – два тима од американски кошаркари и еден меѓународен тим. Секој натпревар би се играл 12 минути, а тимовите би се сретнале во мини-турнир. Предлогот беше дискутиран на состанокот на натпреварувачкиот комитет на НБА и доби позитивни реакции, но лигата сè уште не донела конечна одлука.

Комесарот на НБА, Адам Силвер, и претседателот за операции, Бајрон Спруел, изјавија во април дека лигата, заедно со новиот партнер NBC, размислува за „меѓународно натпреварување“ за Ол-стар викендот во 2026 година. Спектаклот ќе се одржи на 15 февруари на арената на Лос Анџелес клиперс, а ќе се одигра во текот на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина.

„Ен-Би-Си“ планира да го помести традиционалниот временски термин од вечер во недела попладне, помеѓу два олимписки преноси. Силвер нагласи дека комбинацијата од фактори, од меѓународната природа на НБА преку олимпискиот контекст и новата арена во Лос Анџелес, дава можност за „свеж и глобален пристап“ кон форматот на Ол-стар натпреварите.

Промените доаѓаат откако НХЛ организираше меѓународен натпревар „4 нации“ наместо Ол-стар натпреварите претходно оваа година, а финалниот дуел помеѓу САД и Канада стана најгледаниот хокеарски натпревар надвор од олимписката програма во историјата.

За потсетување, околу 25 проценти од сегашните играчи на НБА се родени надвор од САД, а во последните осум сезони наградата за најкорисен играч (MVP) им припадна на меѓународни кошаркари, вклучувајќи го и Никола Јокиќ двапати. Секој драфт од 2010 година вклучуваше најмалку 10 странски таленти.

НБА експериментираше со форматите на Ол-стар натпреварите за викенд натпреварите и претходно, минатата година воведувајќи турнир со четири екипи, вклучувајќи и тим од „ѕвезди во подем“, но форматот беше пречекан со критики и слаби оценки, што Силвер го опиша како „неуспех“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот