Фото Профимедиа

Голема кашлица – опасна и многу заразна болест

Додека ситуацијата во Хрватска полека се смирува, во Србија бројот на заболени од голема кашлица расте. Македонските лекари апелираат за вакцинација. Што е голема кашлица и како против неа?

Големата кашлица е заразна болест, а Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека во 2014 година ширум светот имало приближно 24,1 милиони случаи. Во следните години, овој број брзо се намали благодарение на вакцините. Да се одреди сигурен број е тешко бидејќи не се пријавуваат или дијагностицираат сите случаи.

Големата кашлица се пренесува преку бактеријата бордетела пертусис (Bordetella pertussis). Тоа е инфекција преку капки. Патогените се пренесуваат од едно на друго лице на растојание до еден метар при кашлање, кивање или дури и зборување.

Какви се симптомите?

Првите симптоми на болеста се слични на симптомите на настинка. Тие се појавуваат околу девет до десет дена по инфекцијата. Но, дури и пред да се појави типичната кашлица, заразените можат да бидат преносители на болеста, а тоа се случува брзо. Околу 70 до 80 проценти од оние кои доаѓаат во контакт со заразено лице – се заразуваат.

Бактериите што заразените лица ги собрале преку инфекцијата, се населуваат во горниот респираторен тракт и бронхиите. Таму се множат. Тие произведуваат токсини кои ги оштетуваат цилиите и ги иритираат слузницата и центарот за кашлање во мозокот. Ова доведува до спазматични напади на кашлање.

Како тече болеста?

Големата кашлица има три фази. Првата се нарекува катарален стадиум и трае околу една до две недели. Тешките напади на кашлање доаѓаат дури подоцна. Болеста на почеток е тешко препознатлива, бидејќи течењето на носот, симптомите на настинка и малку покачена температура не претставуваат причина за загриженост.

Втората, конвулзивна фаза, покажува сериозни симптоми. Особено кај малите деца, кашлицата наликува на напади на задушување. Таканаречената стакато кашлица е спазматична и пациентите имаат тешкотии со дишењето.

Третата фаза, таканаречениот стадиум декременти, се јавува по околу две до четири недели. За тоа време нападите на кашлање стануваат поретки и бронхиите постепено се смируваат.

Кој е особено загрозен?

Најчесто се погодени доенчињата и малите деца. Тие на моменти кашлаат толку силно што може да се помисли дека се гушат. Кај малите деца може да се појават сериозни компликации, како што е респираторна инсуфициенција – запирање на дишењето. Ситуацијата може да биде опасна по живот за нив бидејќи нивните дишни патишта сè уште се тесни и можат да отечат за кратко време. Доенчињата и малите деца за кои постои сомневање дека имаат голема кашлица треба да бидат прегледани од лекар што е можно побрзо. Околу две третини од нив мора да одат на болничко лекување.

Како може да се спречи болеста?

Доенчињата и малите деца се особено изложени на ризик од зараза, бидејќи повеќето сè уште немаат доволна заштита од вакцинација. Заштита постои ако идната мајка е вакцинирана против голема кашлица. Вакцинацијата треба да се направи од 28-та недела од бременоста. Ваквата вакцинација може да го заштити доенчето од можна инфекција во првите недели од животот.

Голем број земји исто така препорачуваат вакцинација за време на бременоста. Тука спаѓаат на пример САД, Велика Британија, Белгија, Швајцарија, Холандија, како и Австралија и Аргентина.

Извор: Дојче веле/ Автор: Гудрун Хајзе

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот