
Глобално признание: Крушево меѓу топ 100 зелени дестинации во светот
На свечена церемонија во Монпелје, Франција, Крушево стана дел од „Топ 100 Зелени дестинации“ за 2025 година, влегувајќи во група на светски дестинации кои се препознаени по развојот на одржливиот туризам како главен двигател на локалниот економски развој.
Препорачано
Ваквото признание е резултат на долгогодишнниот, заеднички и посветен пристап на сите чинители – општината, локалните бизниси, здруженија, институции и граѓани, кои работат на развој на туризмот како двигател на локалната економија. Исто така, тоа претставува моќна алатка за меѓународна промоција и маркетинг, стекната во конкуренција со дестинации од 33 земји ширум светот.
Оваа убава вест ја споделија амбасадата на Швајцарија и општина Крушево на своите официјални фејсбук-профили.
„Преку пишувањето на приказната за Green Destinations, општина Крушево ја зајакна визијата за уште поинтензивен развој и надминување на предизвиците кои влијаат на туризмот и животната средина. Ова признание не е само потврда за досегашните напори, туку и моќна алатка за меѓународна промоција и маркетинг, стекната во конкуренција со дестинации од 33 земји ширум светот.
Зелена дестинација 2025 е доказ дека кога заедницата делува обединето, резултатите се глобално препознаени. Општината Крушево заедно со сите чинители покажаа дека одржливиот туризам не е само цел, туку и патека кон економски раст, зачувување на природата и подобрен квалитет на живот. Благодарност до Швајцарските програми ИМЕ и СИППО за постојаната поддршка и долгогодишната соработка“, стои во соопштението на општина Крушево.„Честитки до Крушево за официјалното признание во Топ 100 приказни за добри практики во зелените дестинации 2025! Оваа чест беше објавена вчера на престижната Глобална конференција за зелени дестинации 2025. Повеќе од 10 години, Швајцарија, преку програмата за зголемување на пазарната вработливост – IME, ги поддржува напорите на Крушево да стане активна туристичка дестинација. Ова признание ја одразува долгорочната посветеност на сите партнери кон одржливиот туризам. Крушево ќе ги продолжи своите зелени иницијативи и ќе сертифицира десет локални бизниси за одржливост“, стои во објавата на амбасадата на Швајцарија.