Актерката Биљана Драгиќевиќ Пројковска во претставата „Гидионовиот јазол“

Главна награда за Биљана Драгиќевиќ Пројковска од Драмски театар, специјална за „Ричард Трети“ на Битолскиот театар

Највисокото признание на 33. издание на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица, награда за највисоко актерско остварување, го доби Биљана Драгиќевиќ Пројковска за улогата Корин Фел во претставата „Гидионовиот јазол“ во продукција на Драмски театар Скопје.

Комисијата на 33. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во состав: Лео Долорес Поповиќ, актер, како претседател на комисијата, и Анастас Попдимитров, актер и режисер, и Иван Додовски, универзитетски професор и драмски автор – како членови на комисијата, одгледа 12 претстави селектирани во конкуренција за единствената награда за највисоко актерско остварување што го носи името на големиот македонски актер Ристо Шишков.

Во одлуката на комисијата стои: „Во улогата на Корин Фел, мајка што трага по одговори за смртта на својот син, Биљана Драгиќевиќ Пројковска покажува фасцинантна доследност и суптилна самоконтрола во водењето на ликот, остварувајќи моќна и осмислена улога.“

„Гидионовиот јазол“ на режисерката Драгана Милошевски Попова е претставата работена по текст на авторката Џона Адамс. Драматург на претставата е Викторија Рангелова – Петровска.

Улогите ги играат актерите: Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Ања Митиќ и децата од Студиото за актерска игра „Прва проба“: Саша Димитриевска, Леа Стојков, Мина Ѓаку, Ина Прокоповска, Катја Бешлиева, Бистра Стефановска, Јана Нешевска, Матеј Марковски, Јоанис Далајоргос.

Премиерата на претставата „Гидионовиот јазол“ беше во мај годинава. Поради универзалноста и актуелноста на темата во денешниот современиот и динамичен живот, претставата е одлично примена кај публиката на матичната сцена во Драмски, но забележителен успех постигна и на гостувањето во Сараево во рамките на РУТА фестивалот во мај годинава.

Специјална награда за најдобра претстава за „Ричард Трети“ на Битолскиот театар

Комисијата на 33. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ донесе одлука за најдобра претстава на фестивалот да ја прогласи „Ричард Трети“ од Вилијам Шекспир, во адаптација и режија на Мартин Мирчевски, во изведба на Народниот театар од Битола.

Главните прашања во оваа претстава се: Зошто имаме потреба да се самоуништуваме ние како вид? Зошто ние како луѓе имаме толку самоуништувачки нагон, сопствениот вид да го сотреме, дали постои некаде во природата некое друго суштество што толку има потреба себеси да се самоуништи? Ние, всушност, не живееме, ние преживуваме.

Претставата се занимава со лицемерието, полтронството и пренесува порака дека мора да направиме некаков чекор, да се бориме за својата слобода, потполна слобода како луѓе да одлучуваме. Треба да размислиме дали таа темна и светла страна во нас е вродена или се учи во текот на животот.

Во претставата играат: Мартин Мирчевски, Илина Чоревска, Маја Андоновска-Илијевски, Викторија Степановска-Јанкуловска, Марија Стефановска, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Кристијан Танчевски. Преводот го направи Драги Михајловски, адаптација и режија Мартин Мирчевски, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографија Андреј Ѓоргиевски – Папаз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот