Фото: Profimedia

ФОТО+ВИДЕО | „Гласот на Хинд Раџаб“ ја потресе Венеција: Филмот доби рекордни 23 минути овации и солзи во публиката

Филмот „Гласот на Хинд Раџаб“ (The Voice of Hind Rajab) на туниската режисерка Каутер Бен Ханија предизвика силни емоции на Венецијанскиот филмски фестивал. Делото, кое ја реконструира трагичната смрт на шестгодишната Хинд Раџаб и нејзиното семејство во Газа, доби овации кои траеа неверојатни 23 минути и 50 секунди, што се смета за рекорд во историјата на фестивалот.

По завршувањето на проекцијата, публиката во салата скандираше „Слободна Палестина“, а актерот Мотаз Малхис го крена палестинското знаме. Дел од присутните беа видно вознемирени и со солзи ги следеа завршните моменти.

Фото: Tiziana FABI / AFP / Profimedia

Филмот го прикажува нападот од јануари 2024 година, кога автомобилот со кој семејството на Хинд се обидувало да избега од Газа Сити бил погоден од израелски сили. Во нападот загинаа девојчето, нејзините четири братучеди, тетка, чичко и двајцата парамедици кои се обидоа да им помогнат.

Во продукцијата на филмот се вклучија повеќе холивудски имиња, меѓу кои Бред Пит, Хоакин Феникс, Руни Мара и Алфонсо Куарон. Феникс и Мара беа присутни на премиерата во Венеција, каде актерската екипа ја држеше фотографијата на малата Хинд за време на аплаузот.

На прес-конференцијата, актерката Саја Килани упати силна порака: „Доста е со масовните убиства, гладот и дехуманизацијата. Овој филм е вистина, не фикција. Гласот на Хинд е глас на илјадници деца кои беа убиени во Газа. Тој е глас на секоја ќерка и секој син со право на живот, сон и достоинство“.

Фото: Tiziana FABI / AFP / Profimedia

„Гласот на Хинд Раџаб“ е официјален избор на Тунис за претстојните Оскари во категоријата најдобар меѓународен филм.

Претходните дела на Бен Ханија, „Четири ќерки“ (Four Daughters) и „Човекот што ја продаде својата кожа“ (The Man Who Sold His Skin), исто така беа номинирани за награди на Академијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!