
Ѓорѓиевски ќе побара „Градски паркинг“ да го преземе паркирањето во Центар: Би дозволил ли Герасимовски?
ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ не само што покажа дека функционира беспрекорно, туку градоначалникот Горан Герасимовски, поради очигледните пропусти на Град Скопје, ќе предложи чистењето целосно да се префрли под надлежност на Општината.
Препорачано
Ова, меѓу другото, го изјавуваат од Општината како одговор на прашањето на „Слободен печат“ дали доколку актуелниот градоначалник добие уште еден мандат ќе дозволи паркирањето кое го уредува ПОЦ да премине во надлежност на „Градски паркинг“.
Кандидатот за прв човек на Град Скопје и сегашен градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во интервју на поткастот „Претрес“, говорејќи за проблемите со непрописното паркирање во Кисела Вода, посочи дека Општината не располага со пајак-служба, како што има Општина Центар. Притоа, очигледно говорејќи од позиција на иден градоначалник на Скопје посочи дека ќе побара од идниот градоначалник на Центар, „Градски паркинг“ да го преземе и паркирањето што е во надлежност на таа Општина.
Во изминатиот период, Општина Центар обезбеди нови паркинг-места, а веќе е подготвен план за дополнителни 1000 паркинг-места, без намалување на зеленилото. ПОЦ не само што покажа дека функционира беспрекорно, туку градоначалникот Горан Герасимовски, поради очигледните пропусти на Град Скопје, ќе предложи чистењето целосно да се префрли под надлежност на општината – велат од Општината.
Ако „пајак“ на ПОЦ ви го однесе возилото, од понеделник барајте си го во ново депо
Како што е познато, ПОЦ освен што го регулира паркирањето, се грижи и за хигиената на јавните површини во надлежност на Општина Центар.
Општина Центар и Горан Герасимовски имаат јасен план за сите прашања, од паркинг до чистење, а за тоа располагаат со капацитет, знаење и ресурси. Во таа насока, наскоро ќе започне и затворањето на Дебар Маало за сообраќај, со цел поголем квалитет на живот за жителите – одговараат од Општината за „Слободен печат“.