Мухамед Ибрахими / Фотографија: Стефан Рајхл

Гитаристот Мухамед Ибрахими ќе одржи концерт во Филхармонија

Во малата сала на Филхармонија, на 27 февруари (понеделник), со почеток во 20 часот, врвниот гитарист Мухамед Ибрахими ќе одржи свој концерт. Концертот е во организација на „Баги Комуникации“.

Мухамед Ибрахими е гитарист кој својата гитара ја третира на многу интуитивен и инспиративен начин, свирејќи го спонтано само она што го чувствува и извира директно од него.

Неговите композиции се автентична мешавина од повеќе музички стилови во кои сосема природно се спојуваат блуз и рок, но и традиција и сегашност. Ваквите негови храбри и елегантни комбинации даваат прекрасен звучен пејзаж и импресивна музика која пренесува универзални чувства.

Гости на концертот на Ибрахими ќе бидат Ратко Даутовски на перкусии, Џоле Максимовски на бас, Фјола Исмаили на виолончело и Никола Стојмановиќ на мандолина.

– На концертот во Филхармонија публиката ќе може да слушне композиции од моите два албума, но ќе има и нови композиции кои првпат ќе бидат интерпретирани концертно. Составот е интересен, композициите опфаќаат поширок обем на стилови задржувајќи ја автентичноста на мојот стил и начин на интерпретирање. Се надевам дека публиката ќе ужива во звукот којшто ќе го пренесеме преку нашите инструменти – изјави Ибрахими.

Мухамед Ибрахими не е ново име на македонската музичка сцена. Го паметиме како гитарист на групата „Бла-бла-бла“, а многумина го познаваат и како творец кој практикува соработки со различни уметници. За себе вели дека е самоук, дека свири од својата 5та година на различни инструменти, но ако треба да бира, би ја одбрал гитарата. Има издадено два албума, „Fly“ во 2014 и „Devotion“ во 2018 година.

– Особено сме среќни што соработуваме со еден извонреден музичар и одличен професионалец каков што е Мухамед. Нашата стратегија како агенција е да се посветиме на негувањето на домашните автори и музика. Годинава нѐ очекуваат одлични соработки и уште подобри концерти – велат од „Баги Комуникации“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!