
„Ги чуваше тета“: Шок и гнев во БиХ по откривањето на куќата полна со деца во Брчко
Во населбата Ивици на периферијата на босанскиот град Брчко, денеска беа пронајдени повеќе од 30 бебиња и деца, сите помали од 12 години, а властите го истражуваат случајот со сомнежи за трговија со луѓе. Новинарот од Брчко, Мирослав Обрадовиќ, за „Н1“ откри нови детали и ја пренесе атмосферата во градот чии жители се шокирани од случајот.
Препорачано
Уапсени се петмина осомничени, а Обрадовиќ вели оти има индиции дека ќе бидат уапсени уште тројца. Поголем дел од децата имале хрватски пасоши, но се утврдува дали тие биле фалсификувани. Според информациите, за чување на децата била задолжена италијанска државјанка.

Градоначалникот на Брчко, Синиша Милиќ, изјави дека го загрижува прашањето на тоа колку време ова се случувало во населбата и никој не реагирал. Тој им се заблагодари на работниците од Центарот за социјална работа кои го открија овој случај.
„Не би се согласил дека никој не забележал. Локалните жители рекоа дека ги виделе овие деца безброј пати. Но, што е нормално во тоа „тета“ да чува толку многу деца? Како се дознало? Неофицијални информации велат дека 12-годишно девојче кое било таму, избегало и побарало помош Прашањето е зошто деца помали од една година се во нечиј дом за згрижување, зошто деца на школска возраст не се во училиште? Добивме и информација дека некои родители ги оставале децата таму на подолг временски период. Некои родители се пронајдени, некои се бараат, рече Обрадовиќ во емисијата „Њузнајт“.
Новинарката на Телевизијата на Босна и Херцеговина, Ивана Трбиќ, пак, вели дека неофицијално, дел од девојчињата се испратени на гинеколошки преглед за да се утврди дали биле сексуално малтретирани.
„Она што успеавме да го дознаеме е дека децата се згрижени и лекарски прегледани. Неофицијално, девојчињата од оваа група се испратени на гинеколошки преглед“, рече Трбиќ во изјава за „Блиц“.
Според неа, иако е рано за заклучоци, истражителите се сомневаат дека се работи за кривични дела трговија со луѓе, трговија со деца и запуштање и злоупотреба на деца.
Новинарот Обрадовиќ вели дека населбата се наоѓа на два и пол километри од центарот на градот, позади болницата во Брчко.
„Ова се случувало пред очите на сите нас, што е загрижувачки. Ова е првпат во историјата на Брчко да се случуваат вакви работи. „Тоа ја шокираше целата јавност бидејќи се случувало во нашето соседство и ние не забележавме или не сакавме да биде дел од нашите проблеми“, рече тој.
Според исто така неофицијални информации, родители кои оделе на работа во странство, ги оставале децата во куќата, под грижа на други луѓе.
Но, новинарот Обрадовиќ вели дека ниту едно од 31 пронајдено дете не било од Округот Брчко.
Ужас во Босна – 30 деца и бебиња пронајдени во куќа во Брчко