
Германија ѝ нуди противракетен систем и борбени авиони на Полска
Германија ѝ понуди на Полска испорака на системот за противракетна одбрана „Патриот“ и употреба на германски авиони „Еурофајтер“ за обезбедување на воздушниот простор, јавуваат германските медиуми.
Препорачано
„Ние на Полска и понудивме поддршка во одбраната на нејзиниот воздушен простор со помош на авионите „Еурофајтер“ и ракетниот систем „Патриот““, изјави германската министерка Кристин Ламбрехт во понеделникот во интервју за дневниот весник „Рајнише пост“.
Ламбрехт рече дека случајот од минатата недела, кога проектил падна врз полскиот пограничен град Пжевудов и уби две лица, го отвори прашањето за заедничка одбрана на воздушниот простор на земјите-членки на НАТО.
„Ова особено се однесува на партнерите во НАТО Полска, Словачка и балтичките земји, кои директно граничат со Русија и Украина“, рече Ламбрехт.
Подоцна се покажа дека проектилот кој падна во Полска најверојатно е украинска ракета за воздушна одбрана.
„Најважно за нас е сè уште да не го вовлекуваме НАТО во воени конфликти. Затоа сите мораме да бидеме ладни“, рече германската министерка за одбрана.
Полска ја поздрави понудата на Германија за снабдување со одбранбен ракетен систем. Полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак изјави дека веста од Германија ја примил „со големо задоволство“.
Тој рече дека ќе предложи ракетните системи да бидат поставени долж полско-украинската граница.