Олаф Шолц на испраќањето од функцијата канцелар/ Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN / POOL

Германија: Олаф Шолц испратен со „Респект“

Канцеларот Шолц на Големото повечерје се прости со апел. На демократијата ѝ треба „разбирање на заедништвото“, нагласи тој. Шолц вели дека тоа што ѝ служел на Германија како канцелар е најголема чест во неговиот живот.

Во својот проштален говор, канцеларот во заминување Олаф Шолц рече дека претстојната промена на власта во земјата е „израз на демократска нормалност“.

„Во една демократија, функциите секогаш се доделуваат само на ограничено време. Ова нè разликува од автократиите ширум светот“, нагласи Шолц на Големото повечерје со кое Бундесверот му изрази почест во пресрет на планираното предавање на функцијата на неговиот наследник Фридрих Мерц (ЦДУ).

Меѓутоа, додаде Шолц, „во овие времиња, во никој случај не е нормално транзицијата на власта да се одвива на таков цивилизиран, колегијален и пристоен начин како што тоа го доживуваме овие денови овде, во Германија“.

„Во време на криза нашата земја стои заедно“

„Граѓанската интеракција меѓу демократите мора да биде заштитена и зачувана, бидејќи е скапоцена“, продолжи Шолц. На демократијата ѝ треба „разбирање на заедништвото што го делиме во нашата земја и покрај нашите различни погледи, потекло и верувања“. Германија е силна само „ако се држиме заедно“, нагласи тој.

Шолц се осврна на стравувањата дека ова чувство на единство се распаѓа. „Не смееме да го потцениме овој ризик“, рече тој.

„Сепак, изминатите неколку години покажаа дека, особено во време на криза, нашата земја стои заедно – и со тоа се надраснува себеси“.

„Уживав да преземам одговорност“

Олаф Шолц се осврна на големата социјална солидарност за време на пандемијата на коронавирусот, приемот на украинските бегалци и енергетската криза по руската инвазија на Украина. „Да ѝ служам на оваа Германија како нејзин канцелар беше и останува чест на мојот живот“, рече Шолц, додавајќи: „Отсекогаш со задоволство ја носев оваа голема одговорност – и го тоа го кажувам со зборови затоа што можеби нема секогаш да биде веднаш видливо на лицето на еден северен Германец како мене“.

Шолц му посакува на Мерц „среќна рака“

Шолц му посака на својот наследник Фридрих Мерц, кој седеше во првиот ред со сопругата Шарлот, „многу успех, среќа и среќна рака“ за сите негови задачи и предизвици. „Во тешки времиња, кои секако ќе дојдат, ви посакувам средби од кои можете да црпите сила и самодоверба.“ Самиот тој постојано имал вакви средби со граѓани „кои го ставаат единството над поделеноста“. Земја која има такви граѓани не треба да се плаши од иднината, уверен е Шолц.

Присутни беа Бушман, Хабек и Бербок

На трибините, распаднатата семафор-коалиција се собра уште еднаш – барем делумно. Поранешните министри на ФДП, Марко Бушман и Бетина Штарк-Вацингер му оддадоа почит на Шолц. Поранешниот министер за финансии и лидер на ФДП, Кристијан Линднер, кого Шолц го отпушти во жестокиот спор на семафор-коалицијата околу буџетот, не беше на Големото повечерје.

„Моето отсуство нема политичка заднина. Вечерва приоритет имаат татковските обврски“, напиша тој на платформата X како оправдување. Вицеканцеларот Роберт Хабек од Зелените, меѓутоа, беше присутен, исто како и министерката за надворешни работи Аналена Бербок. Шолц беше поздравен со долг аплауз додека со својата поворка го напушташе полигонот на Министерството за одбрана.

Проштална песна – „Респект“

Повечерјето е воена церемонија со која традиционално се збогуваат сите канцелари, сојузни претседатели, министри за одбрана и високи воени офицери. Притоа, тие може да изразат желба за три музички нумери. Шолц ги избра „Во мојот живот“ од Битлси, извадок од „Вториот Бранденбуршки концерт“ на Јохан Себастијан Бах и соул класиката „Респект“, која во верзија на Арета Френклин стана светски хит. Почит беше централниот слоган на успешната кампања на Шолц за парламентарните избори во 2021 година.

Шолц ќе остане пратеник во Бундестагот и по неговото заминување како канцеларската функција. Тој доби директен мандат во Потсдам и има намера да го одработи до крајот на легислативниот период.

Извор: Дојче веле

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот