Бундестаг/ Фото: ЕПА

Германија доби нов Бундестаг, но не и нова влада

Новоизбраниот Бундестаг денеска одржува конститутивна седница. Додека парламентарците почнуваат со работа, ЦДУ/ЦСУ и СПД продолжуваат со преговори за нова влада. Притоа има жешки дебати и расправии.

Коалицијата која во моментов се обидува да најде заедничка основа за формирање влада во Берлин не е коалиција од соништата. ЦДУ/ЦСУ, двете конзервативни сестрински партии, победија на сојузните избори воГерманија. Меѓутоа, за да имаат мнозинство во новиот парламент и да можат од своите редови да го дадат новиот канцелар, потребни им се досега владејачките социјалдемократи.

Тие ѝ ги прават тешки работите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ). Расположението во СПД е лошо по нејзиниот историски изборен пораз. Во новиот Бундестаг, партијата има само половина од досегашните места. Сепак, како што нагласува генералниот секретар на СПД, Матијас Мирш, таа инсистира на преговори „на еднакво рамниште“.

Постои чувство на пркос, но и на самодоверба што произлегува од сознанието за сопствената неопходност. ЦДУ/ЦСУ однапред ја отфрлија можноста за владеење со делумно десноекстремната АфД, коалиција која инаку е математички возможна.

Работни групи со вкупно околу 250 членови

Со цел суштински да се координираат содржината и целите на идната коалиција, ЦДУ, ЦСУ и СПД формираа 16 заеднички работни групи. Десет дена преговорите се водеа зад затворени врати, но при групи кои бројат вкупно околу 250 членови, информациите постојано протекуваа. Особено кога работите не одеа добро.

Лидерот на партијата и парламентарната група СПД, Ларс Клингбајл, смета дека е сосема нормално „нештата понекогаш малку да крцкаат“.

„Би било изненадувачки доколку, само неколку недели по тешката изборна кампања, дојде до брз договор“.

Генералниот секретар на ЦДУ, Карстен Линеман изрази слични ставови по состанокот на раководството на ЦДУ, зборувајќи за „охрабрувачки“ сигнали од работните групи, но истовремено признавајќи дека несогласувањето е нормално.

Политичарите на СПД ја напуштија просторијата за преговори

Според она што е познато, најмногу расправии има во работните групи за даноци/финансии, социјална политика и миграција. Всушност, откако Бундестагот и Бундесратот го одобрија гигантскиот финансиски пакет за трошоци во одбраната и инвестиции, би требало да се помисли дека веќе нема да има дискусии за пари. Но, проблеми има во делот на даноците. Толку проблеми што преговарачите на СПД во знак на протест привремено ја напуштија просторијата за преговори.

Ништо помалку жешко е прашањето какви промени има намера да спроведе новата влада во политиката за азил. СПД не покажува подготвеност да усвои построга миграциска политика, соопшти Унијата. ЦДУ/ЦСУ за време на изборната кампања ветија „вистински пресврт за миграцијата“. Нелегалните влегувања во земјата треба да се сведат на нула, а барателите на азил во иднина треба да може да се одбиваат уште на граница.

Добрососедството во ЕУ во опасност?

Во првичните договори пред коалициските преговори, ЦДУ/ЦСУ и СПД се усогласија дека одбивањето на барателите на азил на копнените граници треба да се случи „во координација со нашите европски соседи“. Работната група за миграција сега се расправа за прашањето што точно значи ова.

За Унијата, координацијата со соседите едноставно значи да им се соопшти што се прави, односно тоа во никој случај не значи да се биде зависен од согласноста на другите земји од ЕУ. СПД, пак, формулацијата ја разбира на начин дека за одбивање треба да се бара консензус со соодветната соседна држава.

Натпревар во шкртост?

Покрај тоа, СПД го блокира барањето на Унијата за намалување на социјалните бенефиции за барателите на азил кои треба да си заминат и нивно сведување на „кревет, леб и сапун“.

Членот на Бундестагот, Ралф Штегнер, кој преговара од редовите на СПД, за весникот „Билд“ изјави: „Со СПД нема да има натпревар во шкртост за луѓето кои дошле кај нас и не направиле ништо лошо.“

Одбиен е и предлогот на Унијата во иднина на бегалците од Украина да им се исплаќаат бенефиции само за баратели на азил. Тие моментално добиваат т.н. граѓански додаток кој е основна сигурност за невработените. Тоа се 563 евра месечно за самци. За барателите на азил, пак, се предвидени 441 евро.

Но, Унијата не сака да прави никакви компромиси по прашањето на миграцијата. Стравот од проблем со веродостојноста е преголем. Јасно е „дека изразивме работи во областа на миграцијата до кои и денес се држиме и цврсто сме убедени дека промената на политиката ќе се мери според тоа дали ќе бидеме успешни во овие области или не“, рече генералниот секретар на ЦДУ, Линеман.

Патоказот за коалициските преговори предвидува таканаречената управувачка група сега да се занимава со резултатите од работните групи. Ова тело се состои од девет членови на раководството на партијата СПД и десет водечки политичари од ЦДУ/ЦСУ.

„Сигурен сум дека на крајот ќе најдеме компромиси за предизвикувачките прашања со кои се соочува нашата земја, а кои ги засегаат луѓето, и дека тоа ќе се постигне и во главната преговарачка рунда во наредните денови“, самоуверено изјави лидерот на СПД, Клингбајл.

Влада во април?

Постигнувањето компромиси веројатно ќе биде најтешкиот дел од преговорите. Веројатниот иден канцелар, лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, всушност вети дека ќе може да формира влада до Велигден (20 април). Но, никој ниту во ЦДУ ниту во СПД не сака веќе да се обврзе на одреден датум.

„Нема да дозволиме да бидеме под притисок“, нагласува Линеман.

Во коалициските преговори „јасноста и темелноста имаа предност пред брзината“. Лидерот на СПД, Ларс Клингбајл има ист став, велејќи дека за сè мора да се преговара темелно.

За структурата на идните министерства и персоналните решенија во новата влада ќе се разговара откако ќе се постигне договор за содржината. Дотогаш, Клингбајл има уште еден апел: „Не се работи за тоа кој во кој дел победил, какви трофеи се собираат“. Важно за сите вклучени е да имаат „заедничка одговорност за нашата земја“.

Извор: Дојче веле/ Автор: Сабине Кинкарц

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот