
Генерален штрајк во Грција, протестираат двата најголеми синдикати
Грција денеска е парализирана поради 24-часовниот национален штрајк во организација на двата најголеми синдикати во земјата – GSEE и ADEDY, против новиот закон за работа, објави ЕРТ.
Препорачано
Протестираат државните службеници, вработените во болниците, судовите, наставниците. Автобусите и тролејбусите ќе сообраќаат од 09:00 до 21:00 часот, а метрото, електричниот и трамвајскиот транспорт ќе работи од 09:00-17:00 часот.
Таксистите исто така учествуваат во штрајкот, додека бродовите ќе останат во пристаништата. Летовите ќе функционираат нормално, по одлуката на судот, која го прогласи штрајкот на контролорите на воздушен сообраќај за нелегален.
Како што најави Генералната конфедерација на грчки работници, нејзините главни барања се повлекување на пакетот мерки за уредување на работното време, кое, како што тврди, „е подарок за специфични интереси на работодавачот“.
„Ние велиме не на 13-часовниот ден. Исцрпеноста не е раст, човечката издржливост има граници. Ние велиме не на поделбата на слободното време“, порачаа од GSEE.
Во исто време, Конфедерацијата бара намалување на работното време. Велат дека 37,5-часовната работна недела е општествено праведна и има позитивни резултати каде што се применува во пракса.
Исто така, GSEE повикува на целосно враќање на слободното колективно договарање, бидејќи, како што велат, тоа е предуслов за вистинска демократија на работното место и единствениот начин за подобри плати и квалитетни работни услови.
Од своја страна, ADEDY бара враќање на 13-тата и 14-тата плата и зголемување на платите, колективни трудови договори во јавниот сектор, укинување на новиот дисциплински закон и повлекување на законот за 13-часовен работен ден, со главно барање 35-часовна и петдневна недела за сите вработени.