
Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Тиквички полнети со киноа – вкусно и хранливо
Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.
Препорачано
Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес – тиквички полнети со киноа.
– Киноа е семе без глутен што потекнува од Јужна Америка, од регионот на Андите. Тој е фантастичен извор на протеини, влакна, витамини од групата Б и железо, а ги содржи и сите осум аминокиселини. Во диета без глутен, но и обична, може да биде совршен, вкусен додаток на разни јадења. Еве еден рецепт за тиквички полнети со киноа – порачува Бобе.

Потребни состојки:
– 4 тиквички
– 100 грама киноа
– 1 морков, исечкан на тенки ленти или рендан
– 1 кромид, исечкан
– 2-3 лукчиња
– 2 рендани домати
– половина китка исечкан магдонос
– 100 грама моцарела
– масло, сол, зачинал и црн пипер

Подготовка:
Во 200 мл зовриена вода и прстофат сол, се става киноата да поврие 10 минути, потоа се тргнува од оган и се затвора со капак.
Измиените тиквички се сечат на половина по должина. Со лажиче се вади средишниот дел.
Во тава со масло се пропржуваат кромидот и морковите, се додава средниот дел изваден од тиквичките. Се додаваат зачинал, црн пипер и сол по вкус, како и сварената киноа. Се промешува и се додава магдоносот.
Во тава се редат тиквичките, се полнат со смесата, а врз нив се става сосот од домати. Во тавата се става вода (околу 2 см), па тавата со тиквичките се става на печење во загреана рерна на 220 степени, околу 15 минути.
Потоа се вадат, се покриваат со моцарела и се ставаат уште пет минути во рерната за да се растопи моцарелата. Се служат со топка кисела павлака.
На здравје!
