
Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Слатка пита со малини
Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.
Препорачано
Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес: слатка пита со малини.
– Нежна, крцкава и полна со сочен вкус – оваа пита со малини е совршен десерт за секој ден кога сакате нешто домашно, лесно и слатко. Едноставна за подготовка, а со вкус кој долго се памети – порачува Бобе.

Потребни состојки:
За тестото:
• 500 г брашно
• 250 г шеќер
• 2 жолчки
• ½ ќесичка прашок за печиво
• 1 ќесичка ванила
• 1 маргарин (или путер, по желба)
• малку млеко (по потреба)
За филот:
• 350 г малини
• 150 г шеќер
• 5 лажици пченкарен скроб (нишесте)

Подготовка:
Фил:
Во тенџере на умерена температура ставете ги малините и шеќерот. Загрејте ги додека шеќерот не се растопи целосно. Потоа додајте го нишестето и мешајте постојано додека смесата не згусне. Тргнете од оган и оставете да се излади.
Тесто:
Изматете го маргаринот со шеќерот додека не добиете мека, пенеста смеса. Додајте ги жолчките и ванилата. Потоа постепено додавајте го брашното измешано со прашокот за печиво. Месете додека не добиете ронливо тесто. По потреба, додадете малку млеко за да оформите меко, но стабилно тесто.
Поделете го тестото на два дела. Првиот дел расукајте го и ставете го во намастен плех. Врз него рамномерно распоредете го филот. Вториот дел може да го ставите како цела кора или да го исечете на ленти и украсно да го наредите врз филот.
Печење и сервирање
Печете во претходно загреана рерна на 220 степени Целзиусови околу 30–40 минути, додека питата не добие златна и крцкава кора.
Оставете ја да се излади, па наросете ја со шеќер во прав. Сечете ја на коцки и сервирајте со чај, кафе или со топка сладолед.
Совет: За подлабок вкус, додадете кора од лимон или неколку капки рум во филот. Малите детали прават голема разлика.
