Фото: Приватна архива

Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Роловани ајварки со сирење

Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.

Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес – роловани ајварки со сирење.

Фото: Приватна архива

– За вкусот не можам да зборувам, мора да се проба овој деликатес – порачува Бобе.

Состојки:

– 7 пиперки ајварки
– 200 грама козјо сирење
– 3 лажици крем сирење
– 30 мл маслиново масло
– 50 грама мелени бадеми или ореви
– 2 лукчиња на преса
– 1/4 китка магдонос
– лажица црвен пипер
– сол и бибер по вкус

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Пиперките измиени, па исушени се печат во рерна. Испечени се редат во ќесе (за лесно да се излупат) и така се оставаат да се изладат. Додека се ладат, се подготвува филот.

Во длабок сад се става сирењето издробено како ронки (трошки), потоа се додаваат крем-сирењето, бадемите или оревите што треба да бидат мелени, сечканиот магдонос, лукчето, маслиновото масло, црвениот пипер, солта и биберот по вкус. Сè заедно се меша, да се сврзе.
Изладените пиперки се лупат, се чистат од дршките и од семките. Секоја пиперка се сече на половина во должина (од една пиперка се прават две ролни).

На работната маса се става една половина од пиперка, на горниот широк дел се сипува лажица од филот, се ролува и се редат во сад за сервирање. Одозгора се полеваат со маслиново масло, се наросуваат со бадеми или ореви и со сечкан магдонос.

На здравје!

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот