
Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Крем супа од цвекло
Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес: крем супа од цвекло.

– Во есенските денови, кога боите на природата се прелеваат од златно до длабоко црвено, ни се бара храна што не само што ќе нè засити, туку и ќе нè стопли – порачува Бобе.

Состојки:
• 3 средни глави цвекло
• 1 средна главица кромид
• 2 чешниња лук
• 1 среден компир
• 1 лажица маслиново масло
• 800 мл зеленчуков бујон
• Сол и бибер по вкус
• 1/2 лажичка сушена мајчина душица (по желба)
• Малку балсамико оцет (по желба)
• 2-3 лажици неутрална павлака
• 3 лажици печени, крупно толчени ореви
• Малку маслиново масло (по желба)

Подготовка:
Загрејте ја рерната на 200°C. Цвеклото измијте го, замотајте го во алуминиумска фолија и печете околу 50 минути додека не омекне. Откако ќе се олади, излупете го и исечкајте го на коцки. Во тенџере загрејте масло и додајте ситно сечкан кромид. Пржете 5 минути додека не омекне. Додајте го сечканиот лук и компирот на коцки. Пржете уште неколку минути. Ставете го печеното цвекло и прелијте со бујон. Зачинете со сол, бибер, мајчина душица, и варете околу 20-25 минути.
Блендирајте ја супата додека не добиете мазна, кремаста текстура. Доколку е потребно, додајте уште малку течност.
Во сува тава или во рерна, кратко запечете ги оревите додека не пуштат мирис и не добијат златна боја. Оставете да се изладат, па толчете ги.
Супата сервирајте ја топла. Со лажичка или шприц, на површината од центарот на чинијата повлечете тенка линија од павлака во кружна форма, како полжав. Посипете со печените, толчени ореви.
По желба, додајте капка-две балсамико или маслиново масло за длабочина на вкусот.
Оваа супа е како топла прегратка во есенска вечер – нежна, слоевита и полна со карактер. Печеното цвекло ѝ дава длабочина, оревите внесуваат крцкавост и нота на горчина, а павлаката ја заокружува со нежен, млечен потпис. Совршена рамнотежа помеѓу природа и вкус.
На здравје!
