
Гастрономско уживање од Дијана Иваноска: Солени крекери со пармезан и рузмарин
Дијана Иваноска со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување. Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно гастрономско уживање – солени крекери со пармезан и рузмарин.

„Миризливи, зачинети превкусни крекери. Комбинацијата од рузмарин и пармезан ги прави овие крекери неодоливи. Се надевам ќе ги пробате“, порачува Дијана.

Состојки:
– 170 грама брашно
– 90 грама пармезан (рендан)
– 2 лажици свеж рузмарин (ситно исечкан). Ако немате свеж, може да употребите и сув рузмарин.
– 1/2 лажиче сол
– 1/4 лажиче бибер
– 113 грама путер омекнат
– ливчиња магдонос, рузмарин, жалфија или други зачински билки (опционално)

Подготовка:
Во подлабок сад измешајте го брашното со пармезанот, рузмаринот, солта и биберот. Додајте го омекнатиот путер и замесете тесто. Ако не се спојува додајте мошне малку ладна вода, лажиче по лажиче додека добиете мазно тесто. Оформете диск, завиткајте го во проѕирна фолија и оставете го во фрижидер барем еден час.
Загрејте ја рерната на 180 степени Целзиусови.
Ставете го тестото врз хартија за печење и развлечете го. Дебелината на кората треба да биде 0,5 см.
Ставете од зачинските билки на повеќе места на тестото на оддалеченост од неколку сантиметри. Ставете парче хартија за печење одозгора и нежно поминете со сукало да навлезат малку билките во површината на тестото.
Со чаша исечете ги крекерите. Останатото тесто од страните спојте го одново и повторете ја постапката.
Печете ги крекерите 10 до 15 минути или додека поруменат краевите.
Оставете ги да се изладат и уживајте со чаша бело вино или пиво.
