Фото: Приватна архива

Гастрономско уживање од Дијана Иваноска: Чоколадни колачи со бискоф намаз

Дијана Иваноска со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување. Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови.

Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно гастрономско уживање – чоколадни колачи со бискоф намаз.

Фото: Приватна архива

– Чоколадни, крцкави колачиња, кои може да ги полните со намаз по ваша желба. Јас користев бискоф, кој е мешавина од путер од колачи и карамел. Превкусно. Но, може да ставите и путер од кикиритки, чоколаден намаз за двојно чоколадна комбинација или путер од јаткасти плодови за поздрава варијанта – порачува Дијана.

Состојки:

– 200 грaма путер (омекнат)
– 100 грама шеќер во прав
– 240 грама брашно
– 1 лажиче прашок за печиво
– 1/4 лажиче сол
– 1 лажиче ванила екстракт
– 20 грама какао
– намаз по желба за полнење

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Изматете го пенесто путерот со шеќерот во прав и ванилата.

Во друг сад измешајте го брашното со солта, печивото и какаото. Додајте ги сувите во влажните состојки и замесете тесто. Земајте по малку од тестото и оформете топчиња. Околу 20 грама содржи едно, а излегуваат 30 топчиња.

Наредете ги на тавче за печење обложено со хартија за печење. На секое топче направете длабнатина со прст. Ставете ги во фрижидер на половина час.

За тоа време загрејте ја рерната на 175 степени Целзиусови. Печете ги колачите 15-18 минути во зависност од вашата рерна. Кога ќе ги извадите од рерна, колачите се многу меки, но ќе се стегнат кога ќе се изладат. Изладените колачи филувајте ги со намаз по желба.

Уживајте во нив со чаша млеко или топол чај.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот