
Франција подготвува воени инструктори за испраќање во Украина
Франција наскоро може да распореди воени инструктори во Украина, и покрај загриженоста на некои сојузници, објавува Ројтерс повикувајќи се на дипломатски извори.
Препорачано
Во текстот стои дека Франција може да ја објави својата одлука следната недела за време на посетата на претседателот Володимир Зеленски.
Плановите според информациите на агенцијата се Франција првично да испрати ограничен број на персонал за да ги процени модалитетите на мисијата пред да испрати неколку стотици.
Обуката ќе се фокусира на деминирање, одржување на опремата во функција и техничка експертиза за воени авиони.
Париз, исто така, ќе финансира, вооружува и обучува украинска механизирана бригада.
Претходно, Олександр Сирски, врховен командант на вооружените сили на Украина, изјави дека веќе ги потпишал релевантните документи кои ќе им овозможат на првите француски воени инструктори да пристигнат во Украина.
Француските воени лица добија право да ги посетат украинските центри за обука и да се запознаат со нивната инфраструктура и персонал.
Сирски изрази надеж дека потегот на Франција ќе ги охрабри и другите партнери да го сторат истото.
„Ја поздравувам иницијативата на Франција да испрати инструктори во Украина за да ги обучуваат украинските војници. Веќе ги потпишав документите што ќе им овозможат на првите француски инструктори да ги посетат нашите центри за обука и да се запознаат со нивната инфраструктура и персонал“, истакна украинскиот врховен командант на вооружените сили.
Претходно, некои земји-членки на НАТО приватно разговараа за можноста за испраќање воени тренери во Украина за обука на украинската војска и помош за поправка на опремата.
Литванската премиерка Ингрида Шимоните предложи западните воени инструктори да почнат да работат во Украина, под услов тие да бидат соодветно покриени со воздушна одбрана.
Естонскиот премиер Каја Калас изјави дека некои земји веќе распоредиле свои воени обучувачи во Украина за обука на украинската војска.
Како што беше претходно објавено, Франција смета дека Украина има право да напаѓа воени бази во Русија.