ФОТО+ВИДЕО | Сега е град на духови: Требаше да биде дом на милион луѓе, чинеше 100 милијарди долари

Фото: Wikimedia Commons

„Успеав да избегам од ова место“, малку нервозно се смее Назми Ханафија. Пред една година, овој 30-годишен ИТ (информатички) инженер се преселил во Форест сити, голем станбен комплекс кој Кина го изгради во Јохор, на југот на Малезија. Изнајмил еднособен стан во облакодерот со поглед на морето, пишува „Би-би-си“.

По шест месеци му било доста. Не сакал да продолжи да живее, како што рекол, во „град на духови“.

„Не ми беше грижа за мојот депозит, не ми беше грижа за парите. Морав да заминам“, рекол Ханафија, кој се сретнал со новинарите на „Би-би-си“ во зградата во која што живеел.

„Се наежив поради враќањето тука. Овде е пустилиште – само ти и твоите мисли“, објаснува Ханафија.

Фото: Принтскрин/Инстаграм/forestcity_countrygarden

Проект од 100 милијарди долари

Во рамките на Иницијативата појас и пат (Belt and Road), најголемата кинеска компанија за недвижности, „Кантри гарден“, го претставила во 2016 година Форест сити (Forest City) – мегапроект вреден 100 милијарди долари. Во тоа време, кинескиот бум на недвижности бил во полн ек. Инвеститорите позајмувале огромни износи пари за градење во земјата и во странство за купувачите од средната класа.

Планот на „Кантри гарден“ бил да се изгради еколошки прифатлива метропола во Малезија со терен за голф, воден парк, канцеларии, барови и ресторани. Компанијата тврдела дека во Форест сити на крајот ќе живеат речиси милион луѓе.

Осум години подоцна, проектот стои како потсетник дека не мора да бидете во Кина за да ги почувствувате ефектите од кинеската криза со недвижностите. Досега се изградени само 15 отсто од целиот проект, а според последните проценки, се користи нешто повеќе од еден отсто од вкупната градба.

И покрај соочувањето со долгови од речиси 200 милијарди долари, „Кантри гарден“ рекол за „Би-би-си“ дека е оптимист околу завршување на проектот.

Фото: Принтскрин/Инстаграм/forestcity_countrygarden

Форест сити беше најавен како „рај од соништата за целото човештво“. Но, во реалноста беше насочен кон домашниот кинески пазар, нудејќи им на амбициозните луѓе можност да поседуваат втор дом во странство. Цените беа недостапни за повеќето обични Малезијци.

За кинеските купувачи, недвижноста би била инвестиција што би можела да се изнајми на локални Малезијци, како што е Ханафија или да се користи како куќа за одмор. Во реалноста, изолираната локација на Форест сити – изградена на обновените острови далеку од најблискиот поголем град Јохор Бахру – ги одврати потенцијалните станари и му го донесе локалниот прекар „Град на духови“.

„Да бидам искрен, тука е морничаво. Имав големи очекувања од ова место, но тоа беше толку лошо искуство. Тука нема што да се прави“, рекол Ханафија за „Би-би-си“.

Пуста плажа и игралишта

Форест сити оддава чудна атмосфера, изгледа како напуштено летувалиште. На напуштена плажа има запуштено детско игралиште, зарѓан стар автомобил и бели бетонски скали кои не водат никаде. Во близина на водата се поставени предупредувачки знаци дека не се препорачува пливање поради крокодили.

Во наменски изградениот трговски центар затворени се многу продавници и ресторани. Некои локали не се ни довршени. Во надреалната глетка, во трговскиот центар во круг вози празен детски воз, кој непрекинато свири „Глави, раменици, колена и прсти“ на кинески.

Во блискиот изложбен салон на „Кантри гарден“ има огромна макета на градот, која покажува како треба да изгледа завршениот Форест сити. Зад продажниот пулт седат неколку вработени кои изгледаат како да им е здодевно. Знакот над нив гласи: „Форест сити. Каде што среќата никогаш и го нема крајот“.

Се чини дека луѓето овде најмногу ги привлекува статусот на бесцаринската зона. Плажите се полни со фрлени шишиња со алкохол.

Фото: Wikimedia Commons

Кога ќе падне ноќта, Форест сити го покрива мрак. Секој од огромните станбени блокови содржи стотици станови, но само неколку ги имаат запалено светлата. Тешко е да се поверува дека некој навистина живее овде.

„Ова место е морничаво. Дури и преку ден, кога ќе излезете пред својата врата, ходникот е темен“, вели Џоан Каур, една од ретките жители.

Таа и нејзиниот сопруг живеат на 28-ми кат на еден од облакодерите – тие се сами на целиот кат. Како Ханафија, тие изнајмиле стан и планираат да си заминат штом можат.

„Жал ми е за луѓето кои всушност вложија пари и купија стан овде. Форест сити на Гугл не е она што го гледате овде денес. Тоа требаше да биде проектот што им беше ветен на луѓето, но не е тоа“, додала Каур.

Да се разговара со луѓе во Кина кои купиле станови во Форест сити не е лесно. „Би-би-си“ успеа индиректно да допре до неколку сопственици, но тие не сакале да коментираат, дури и анонимно.

Воопшто нема луѓе

Сепак, социјалните мрежи нудат некои анегдотски приказни. Под објава во која го пофалува проектот, еден клиент од провинцијата Лиаонинг вели: „Ова е многу погрешно. Денешниот Форест сити е град на духови. Воопшто нема луѓе. Далеку е од градот, има некомплетни станбени капацитети и тешко е да се движите без автомобил“.

Некои прашале како можат да добијат поврат на парите за нивниот имот, а еден рекол: „Цената на мојот стан толку многу падна што останав без зборови“.

Овој вид на фрустрација се чувствува низ Кина, каде што пазарот на недвижности е во неред. По години незауздано на задолжувањето на компаниите за недвижнини, кинеската влада се плашеше од создавање балон и воведе строги ограничувања во 2021 година.

Кога станува збор за кинеската криза со недвижности, Форест сити е класичен случај на амбиција наспроти реалност. Можеби некои локални фактори придонесоа за сегашната состојба, но ова е доказ дека изградбата на десетици илјади станови среде никаде не е доволно за да се убедат луѓето да живеат таму.

На крајот на краиштата, судбината на Форест сити – и стотици проекти низ Кина – е на кинеската влада. Во октомври се појавија извештаи дека „Кантри гарден“ е ставена на прелиминарен попис на компании кои ќе добијат финансиска поддршка од кинеската влада – иако степенот на таа поддршка сè уште е нејасен.

Малку е веројатно дека луѓето како Ханафија веројатно сепак ќе се вратат: „Секако повнимателно ќе избирам следниот пат. Среќен сум што го напуштам ова место, сега си го вратив својот живот“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот