
ФОТО+ВИДЕО | Како од бајките на браќата Грим: Француски град кој целосно ја зачувал архитектурата од 13 век
Постојат градови кои имаат свои симболи и архитектонски чуда кои мора да ги видите. Но, има и такви кои се атракција со самото постоење. Еден од нив е францускиот средновековен град Динан.
Препорачано
Динан се наоѓа во северозападниот дел на Франција, во познатата провинција и полуостровот Бретања. За разлика од повеќето други градови кои се родени во долините на реката Ренс, Динан „никнал“ на рид поради што нуди волшебен поглед, пренесува српски „Нејшнал џеографик“.

Шармантниот средновековен град ја зачувал својата архитектура од 13 век, а поради одбранбените ѕидини, шетајќи низ улиците, имате впечаток дека сте патувале во временска машина. Многумина го сметаат за најатрактивниот и најдобро зачуван стар град во Бретања.
За својата живописност, може да му се заблагодари на пристаништето каде што се наоѓаат старите камени куќи – многу од нив денес имаат ресторани, кафулиња и продавници. Од пристаништето се гледа прекрасен поглед на камениот вијадукт кој се издига над градот и реката.
Има и рид на кој можете да се искачите минувајќи низ тесни камени улички со шарени дрвени и камени куќички.

Додека шетате ќе поминете покрај студија, продавници за сувенири, книжарници, работилници за стакло… Сè што го прави Динан да ја носи ласкавата титула „град на уметноста и историјата“. Излозите често се големи и датираат од средниот век, кога пазарувањето се вршело од улица преку излогот, без да се влезе во продавницата.



